НЕМА ДА ИМА ПРАВДА СЀ ДОДЕКА НЕ ВИДИМЕ СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ ВО ЗАТВОР, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ ВО СОБРАНИЕТО

    НЕМА ДА ИМА ПРАВДА СЀ ДОДЕКА НЕ ВИДИМЕ СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ ВО ЗАТВОР, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ ВО СОБРАНИЕТОДржавата треба да ги стави криминалците во затвори од затворен тип. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот Стево Пендаровски кажа дека нема да има правда сè додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои стојат коруптивни мотиви, во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието. Тој потсети на тезата дека нема правда ако нема актуелни политичари во затвор, но дека истото треба да важи и за луѓе од правосудството, за кои рече дека се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека се збогатиле со пари од народот.

    „Државата или ќе ги стави криминалците во затвори од затворен тип или некои од нив и понатаму со пари украдени од народот ќе продолжат градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и ќе ги исмеваат сите станати од безбедна дистанца. Не треба да има само апсења за јавноста, туку изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото. Но, истовремено да се почитува пресумпција на невиност, да не ги осудуваме луѓето во јавноста пред да ги осуди надлежниот суд. Но, сите наши напори ќе паднат во вода ако правосудните органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено своите сè уште неродени деца и внуци. Нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, меѓутоа нема да има правда и сè додека на слобода се судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои верoјатно стојат коруптивни мотиви“, кажа Пендаровски.

    Во делот од обраќањето за војната во Украина, претседателот кажа дека ние не ѝ помагаме на Украина затоа што сме членки на НАТО, туку затоа што малите држави мора да поддржуваат меѓународен поредок заснован на правила и принципи, додавајќи дека во свет кој се потпира врз аргументите на сила, нашите шанси за опстанок се еднакви на нула.

    Во врска со уставните измени за внесување на Бугарите во уставот, што е услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ, Пендаровски вели дека никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, но, како што кажа, на сите пратеници треба да им се пред очи две работи:

    „Прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од другите народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт?“.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира