Седумнаесетмината најдобри ученици од Штип кои постигнале особени резултати на меѓународни и државни натпревари во учебната 2021/2022 ќе добијат 13 стипендии и 4 еднократни парични награди, одлучи Советот на Општината
Стипендии по 3.000 денари месечно за една година се доделуваат на: Дамјан Давков, Иван Костевски и Марио Ванчоски. Стипендии од 2.500 денари месечно се доделуваат на Теодора Стојчевска Даниел Христов и Дора Митева, а стипендии од третата ранг листа од 2.000 денари месечно добиваат Стефан Гулиќ, Драган Костадинов, Сара Јакимовска, Дијана Арсова, Ана Арсова, Јована Митева и Андреа Кукушев.
Еднократните парични награди во износ од 30.000 денари се доделуваат на четворица кандидати кои ги исполниле условите и тоа : Дамјан Давков, Иван Костевски, Марио Ванчоски и Теодора Стојчевска.
„Советот на Општина Штип ја усвои одлуката на Комисијата за наградување на ученици врз основа на јавен повик за пријавување на ученици за награди и стипендии за резултати постигнати на меѓународни и државни натпревари за што беше изготвена и соодветна ранг листа. Средствата се обезбедени од буџетот на Општината Штип“, вели советникот за основно образование, доц. д-р Соња Николова.
Како што вели Николова, за првите 4 учебни месеци исплатата ќе биде сега до крајот на годината, а за останатите месеци од учебната година ќе се врши исплата последователно за секој месец заклучно со август 2023 година.
Т. ЈОВАНОВСКИ