ПРИВРШУВА ИЗВЕДБАТА НА ФАСАДАТА НА ТУРСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ КОЈ СЕ ГРАДИ ОД 2014

    ПРИВРШУВА ИЗВЕДБАТА НА ФАСАДАТА НА ТУРСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ КОЈ СЕ ГРАДИ ОД 2014Карабината е завршена за сума од скоро 5 милиони евра со вклучен ДДВ. (Фото: Министерство за култура)

    Привршува изведбата на термофасадата и целосната стаклена фасада со нејзината конструкција и потконструкција на новиот објект на Турскиот театар во Скопје, кој почна да се гради пред осум години. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели дека при крај е и изведбата на покривот, а следна фаза се инсталатерските работи.

    Во 2022 Министерството за култура инвестирало 115 милиони денари, а за 2023 се обезбедни нови 117 милиони денари.

    „Турски театар е носител на признанието Повелба на Северна Македонија, повеќе од седумдесет години е фактор во афирмацијата, промоцијата и популаризацијата на турската, македонската и други култури преку изведбите на дела од светската уметност. Токму затоа, посветено работиме на завршување на овој современ објект кој е замислен да функционира како културен центар за приближување и промовирање на турската култура и традиција“, вели министерката за култура.

    Изградбата на карабината почна на 23 јуни 2014, а беше завршена и примопредадена на 15 јуни 2017. Театарот почна да се гради во 2014, како еден од капиталните проекти на тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Според тогашните најави, карабината на театарот ќе ја финансира Министерството за култура, а за втората фаза пари ќе даде Турција.

    Носител на изградбата и инвеститор е Турскиот театар. Карабината е завршена за сума од 301.092.183,00 денари (скоро 5 милиони евра) со вклучен ДДВ.

    Театарот треба да има осум нивоа, од кои пет надземни и три подземни. Планирани се две сцени, малата со капацитет од 150 седишта, и голема со 329 седишта. Во рамки на театарот треба да има и галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала. Автор на идејното решение е архитектот Виктор Михајлов. Михајлов е автор и на објектот на Филхармонијата.

    Турскиот театар е основан во 1950, а прва претстава била „Сомнително лице“ во режија на Абдуш Хусеин. Турскиот и Албанскиот театар со години заедно функционираа во Театарот на народности во Старата чаршија. Во 2014 почна реконструкцијата на таа зграда, и ансамблите на двата театара се преселија во Театар Комедија, каде сѐ уште функционира Турскиот театар.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира