НЕДОЗВОЛИВО Е ПРЕДМЕТ ДА СЕДИ ЕДНА ГОДИНА КАЈ СУДИЈАТА-ИЗВЕСТИТЕЛ И ТОЈ ДА НЕ ГО ДАВА, ВЕЛИ СУДИЈА ОД ЕДЕН ОД ПЕТЧЛЕНИТЕ СОВЕТИ ЗА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“ И „ТРЕЗОР“

    НЕДОЗВОЛИВО Е ПРЕДМЕТ ДА СЕДИ ЕДНА ГОДИНА КАЈ СУДИЈАТА-ИЗВЕСТИТЕЛ И ТОЈ ДА НЕ ГО ДАВА, ВЕЛИ СУДИЈА ОД ЕДЕН ОД ПЕТЧЛЕНИТЕ СОВЕТИ ЗА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“ И „ТРЕЗОР“Благодарение на чувањето во фиока на предметот „Тврдина-Таргет“, овој огромен предмет за масовното прислушување најверојатно ќе застари. - Сашо Мијалков во Апелациониот суд (Фото: СДК.МК)

    Апелациони судии кои одлучувале за предметите „Тврдина-Таргет“ и „Трезор“, каде на 12 плус 8 години затвор беше првостепено осуден ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, прстот за одолговлекувањето го вперуваат во двајцата судии-известители, кои предметите ги чувале година дена пред да се укинат и вратат на повторно судење. Судии-известители беа Енвер Беџети, кој конкурирал за врховен судија, и судијката Лирије Елези од Апелациониот суд Скопје.

    Благодарение на чувањето во фиока на предметот „Тврдина-Таргет“, овој огромен предмет за масовното прислушување најверојатно ќе застари.

    „Недозволиво е година дена да седи судски предмет кај судија-известител и тој да не го дава на расправа, на одлучување и слично. Кога ќе ни даде судија-известител предмет во работа, ние во советот седнуваме, работиме. Дотогаш, никој од нас нема право да му го земе насила и да го стави на седница. Една година да не се решава по жалба, не смее да се случи не само за предмети од висок јавен интерес, туку за сите обжалени предмети“, вели судија од еден од петчлените кривични совети во Апелација, кои решаваа за овие два предмета, а кои сè уште по многу основи ја брануваат јавноста.

    Дали се осврнале на ова однесување на двајцата судии-известители членовите на Судскиот совет, кои последните денови на декември во итна посета извршија контрола на Апелациониот суд Скопје и до какви наоди дошле, ќе се знае деновиве.

    Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева кажа дека тоа до каков заклучок дошле тројцата контролори, ќе биде објаснето во нивниот извештај. По празниците, сите членови на седница ќе го разгледуваат и ќе одлучат кои ќе бидат следните чекори. Покрај овие два, Судски совет во контролата ги опфати уште и „Транспортер“ и „Алфи“.

    Случајот „Транспортер“ каде што судија-известител исто така е кандидатот за врховен судија Енвер Беџети, е уште пострашен пример. Девет месеци донесена одлука, тој не ја напишал како конечна пресуда. Со претходното чување во фиока, овој случај во Апелациониот суд помина цели три години и е своевиден рекорд по бавно одлучување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира