Со цел да го намали сообраќајниот метеж во градот и да овозможи повеќе паркинг места во овој период кога во Тетово се дојдени бројни иселеници, општинските власти ги претворија дворовите на три основни и две средни училишта во паркинзи. На овој начин привремено се добиваат над 300 нови паркинг места, толку неопходни во овој период кога бројот на возилата во градот се зголемува за неколку илјади.
„Прилагодувањето на училишните дворови во паркинзи е со цел да се намали сообраќајниот хаос во нашиот град за време на новогодишните празници. Одлучивме и овојпат да ги отвориме дворовите на основните училишта ‘Лирија‘, ‘Гоце Делчев‘ и ‘Истикбал‘, како и училишните дворови на гимназијата ‘Кирил Пејчиновиќ‘ и објектот ‘Стара медицина‘“, соопштуваат од службата за односи со јавност.
Вакви мерки општината презема и во летниот период кога напливот на иселеници во градот е многу голем. Паркирањето на овие паркинзи е бесплатно и ќе важи до почетокот на второто полугодие од учебната година.
З. АНДОНОВ