ОХРИД ГОДИНАВА ОЧЕКУВА РЕКОРДЕН БРОЈ ТУРИСТИ СО НОВИ ЛЕТОВИ ОД БЕЛГРАД, ИЗМИР, ЛОНДОН И МАНЧЕСТЕР

    ОХРИД ГОДИНАВА ОЧЕКУВА РЕКОРДЕН БРОЈ ТУРИСТИ СО НОВИ ЛЕТОВИ ОД БЕЛГРАД, ИЗМИР, ЛОНДОН И МАНЧЕСТЕРПд 31 мај ТУИ Ервејс ќе лета од Лондон и Манчестер за Охрид. Авион на ТУИ на Охридскиот аеродром (Фото: СДК.МК)

    Со воведувањето директен лет Охрид-Белград на „Ер Србија“ 4 пати неделно од јуни, се очекува да се остварат дупло повеќе ноќевања на српските туристи чиј број лани беше зголемен за 40 проценти. Ќе има и чартер лет Охрид-Измир. Од 31 мај и ТУИ Ервејс по еднаш неделно ќе лета од Лондон – Гетвик и Манчестер директно за Охрид.

    Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ) велат дека со новите авиолинии од охридскиот аеродром ќе се лета по ниски цени.

    „Фокусот повторно ќе биде на регионалните пазари кои треба да ги стабилизираме и очекуваме помеѓу 10 до 15 отсто раст, а дополнително од секундарните пазари помеѓу 30 и 40 отсто раст. Односно 2023 година заеднички ќе успееме да ја надминеме бројката од 3,2 милиони ноќевања“, вели Љупчо Јаневски, директор на АППТ.

    Оваа година се очекува зголемување на бројот на туристи и од европските и азиските земји, како и повеќе кружни тури на Балканот во кои е вклучен и Охрид.

    „Очекуваме 2023 година да имаме поголем број групи од поразлични дестинации, групи од егзотични дестинации односно за нив Балканот е егзотично место, како и минатата година што можевме да препознаеме португалски, шпански, мексикански, бразилски групи и тоа токму во Охрид, кои што ќе бидат на еден до два дена. Се надеваме на повеќе кружни патувања од дестинации коишто досега не нè посетувале“, додава Јаневски.

    Тој вели дека целта на македонскиот туристички сектор за 2023 е бројот на ноќевања да биде поголем во однос на 2019, кога се оствари рекордна посетеност.

    Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) на почетокот од годинава започна и медиумска промоција во примарните туристички пазари за зголемување на видливоста за македонскиот туризам. Како што велат, активно се работи на медиумски туристички кампањи во Полска, Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Турција.

    Учеството на туристите од примарните земји од вкупниот број странски туристи и остварени ноќевања е 30 отсто за првите 10 месеци од 2022. Агенцијата и во вториот дел од медиумската кампања промоцијата ја насочи на електронски медиуми, односно 100 отсто онлајн рекламирање.

    „Анализата за посетата на веб страницата www.northmacedonia-timeless.com ни дава информации за успешната реализација на онлајн промотивната кампања изминатиот период. Најпребарувани градови се Скопје, Охрид и регионот, активните форми на туризам, храна и вино, како и културните манифестации низ државава“, велат од АППТ.

    Велат дека новите трендови кај потрошувачите создадоа нова туристичка реалност и нови туристички интереси.

    „Со враќањето на туризмот се сменија патувачите и долгите дестинации во големи групи се сведоа на помали групи кои патуваат со автомобил на кратки дестинации. Потребата од промени кои се неопходни, наметнува можности на кои ќе се прилагодиме и преку иновативната туристичка понуда ќе создадеме поволна клима за раст и развој на туризмот во државата. Целта на маркетинг кампањата за 2023 година е преку промотивните активности да се придонесе кон поголема конкурентност и препознатливост на Македонија како атрактивна туристичка дестинација, да се фокусираме на тоа што не прави разновидни, различни, а е отсликано преку природата, историјата, културата и гастрономијата“, велат од АППТ.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира