ОПШТИНА СТРУГА СО 10.000 ЕВРА ЌЕ ГИ СТЕРИЛИЗИРА КУЧКИТЕ И КАСТРИРА КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ

    ОПШТИНА СТРУГА СО 10.000 ЕВРА ЌЕ ГИ СТЕРИЛИЗИРА КУЧКИТЕ И КАСТРИРА КУЧИЊАТА СКИТНИЦИБројот на уличните кучиња низ Струга од година во година расте, а сè почести се и нападите врз граѓаните. (Фото: СДК.МК)

    Општина Струга во буџетот за 2023 предвиде 600.000 денари (10.000 евра) за решавање на проблемот со уличните кучиња. Следи постапка за избор на фирма која ќе врши хуман третман, заловување, кастрација и чипирање на бездомните животни и нивно повторно враќање на заловеното подрачје.

    Од Општината велат дека првата работа што ќе се направи ќе биде фаќањето на кучките, потоа нивна стерилизација, што значително ќе влијае на наталитетот за најмалку 16 пати помалку. Следната активност ќе биде кастрација на мажјаците и поставување обетки или чипови за да се обележат како такви. Некои од тие кучиња ќе останат изолирани додека нивната агресивност не се намали или целосно не се изгуби, додека дел од кучињата ќе се третираат според важечките закони.

    Градоначалникот Рамиз Мерко вели дека ова е единствениот начин да се намали агресивноста и популацијата на кучињата оти Општината нема капацитет да направи центар за нивно згрижување.

    „Кучињата скитници се голем проблем со кој треба да се справуваме. Ние работиме во изнаоѓање на решение, со тоа што како локална самоуправа не можеме сами да се справиме со кучињата скитници“, вели Мерко.

    Бројот на уличните кучиња низ Струга од година во година расте, а сè почести се и нападите врз граѓаните. Општината изминативе години исплатила милионски суми во денари за отштети кон нападнати жители од улични кучиња.

    „Плаќаме големи отштети, поголеми се отштетите него да се справуваме со проблемот. Тие средства можеме да ги дадеме на институцијата која ќе се занимава со таа проблематика“, додава Мерко.

    Од Општина Струга апелираат до граѓаните ако забележат дека се носат кучиња скитници од другите општини да ги сликаат возилата, автомобили, комбиња, камиони, кои вршат истовар и сликите итно да ги достават до Општината или до полиција.

    Советот на Општина Струга пред шест месеци ја изгласа иницијативата за формирање посебно тело кое ќе се справува со проблемот со кој им е загрозена безбедноста на стружани, но до денес нема реализација.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира