Данскиот ресторан „Нома“, кој пет пати беше прогласуван за најдобар на светот, објави дека ќе се затвори по завршувањето на зимската сезона во 2024, со цел да стане „гастрономска лабораторија“. Неговиот сопственик, тетовецот Рене Реџепи, појасни дека ресторанот ќе се трансформира за да почне ново поглавје под името „Нома 3.0“.
„За да може да продолжи, ‘Нома‘ мора да се промени. Во 2025, нашиот ресторан ќе стане огромна лабораторија, пионерска експериментална кујна фокусирана на иновации и развојот на нови вкусови“, објави Реџепи.
„Нома“ еднаш веќе се затвори, во 2016, но по само една година се појави на нова локација, на периферијата на Копенхаген.
Реџепи призна дека правичното плаќање на речиси 100 вработени и одржувањето на високи стандарди со сегашните цени на пазарот веќе не е одржливо.
„Мораме целосно да ја преиспитаме индустријата и да работиме на поинаков начин“, кажа 45-годишниот Реџепи.
Од отворањето во 2003, „Нома“ беше избран за најдобар ресторан на светот во 2010, 2011, 2012, 2014 и во 2021 година и стана поим за меѓународна луксузна кујна, во кој мени чини околу 500 евра.