Русија е пред освојување на источниот рударски град Соледар по неколкумесечните крвави борби со украинските сили, објави британското министерство за одбрана. Руските трупи и платениците на „Вагнер“ значително напредувале во изминатите четири дена.
Соледар пред војната имаше околу 10.000 жители и неговата стратешка важност е мала, но руските трупи оттаму дополнително би можеле да ги притиснат Украинците кои го бранат соседниот Бахмут. Сепак, Британците сметаат дека Русите тешко ќе го заземат Бахмут веднаш поради стабилните одбранбени линии на украинските сили.
„Во Соделар речиси да нема живот, нема веќе ниеден ѕид. Целиот терен кај Соледар е покриен со лешевите на окупаторите. Тоа е лудило“, кажа украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Белата куќа неодамна кажа дека шефот на „Вагнер“, Евгени Пригожин, сака да ја освои оваа област поради тамошните рудници за сол и гипс. Самиот Пригожин го опиша рударскиот систем долг 200 километри како „мрежа на подземни градови“.
И од американското министерство за одбрана кажаа дека добар дел од Соледар е во руски раце.
Угледниот украински воен аналитичар Олег Жданов смета дека Бахмут и Соледар не се особено важни од оперативна гледна точка, но Русија сака да му покаже на светот дека нејзината војска е способна да освои нешто.