Приватните лекари и стоматолози од почетокот на годинава добија повисока вредност на капитациониот бод, според одлуката која е излезена во Службен весник. Приватните доктори имаат капитација која од 63 денари скокна на 75, додека капитацијата за приватните стоматолози е 61 денар по пациент. Со ова, после повеќе години се исполнети барањата на приватни доктори и стоматолози.
„За овој период скокнаа цените на храната, горивата, струјата, просечната плата, мораме да исплатиме К-15. Така, по четири години разговори преговори, нашите аргументи беа земени во предвид и оваа битка заврши позитивно“, кажа д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛМ).
Една битка добија, но се насочуваат на нова, промена на Законот за здравствена заштита, на ставот со кој пациентите ќе бидат запишани на амбуланта, а не на доктор.
„Многу е битно пациентите да бидат на приватната здравствена устанива (ПЗУ), не на доктор, како што е сега. Со тоа, младите доктори ќе имаат сигурност пациентите да останат на ординација ако некој од нивните возрасни колеги замине во пензија, замине во странство. Во моментов недостигаат и Л-обрасци и многу пациенти се останати без матичен доктор, недостигаат хартиени формулари“, вели д-р Чолакова-Дервишова.
Приватните стоматолози и натаму бараат промена на партиципација на услугите за вадење заб, пломбирање, кои не се променети од 2008.
Приватните доктори пред Бадник ја добија капитацијата за октомври, а првата нова повисока, јануарската, ќе ја добијат во април, ако се продолжи со истото темпо на исплата. Во Македонија има 1.436 приватни амбуланти, 124 се гинеколози, 126 се интернисти.
П. ПЕЧКОВ