„Фабелманови“ е прогласен за најдобра драма, а „Тажачките од Инишерин“ за најдобра комедија/мјузикл на 80. Златни глобуси, чие доделување по една година пауза се одржа со церемонија во живо и во присуство на бројни ѕвезди.
Полуавтобиографскиот филм на Стивен Спилберг ја освои и наградата за најдобра режија, додека приказната за двајца пријатели на зафрлен ирски остров славеше и во категориите најдобро сценарио (Мартин Мекдона) и најдобар актер во комедија/мјузикл (Колин Фарел).
„Никогаш не очекувам моите филмови да имаат публика, па затоа ова е шокантно за мене“, изјави Фарел.
Најдобар актер во драма е младиот Остин Батлер за „Елвис“, а златните глобуси за најдобра актерка им припаднаа на Кејт Бланшет за „Тар“ (драма) и Мишел Јео за „Сè секаде одеднаш“ (комедија/мјузикл).
За најдобра споредна улога се наградени Ке Хуј Кван („Сè секаде одеднаш“) и Анџела Басет („Блек Пантер 2“).
„Пинокио“ на Гилјермо дел Торо ја доби наградата за најдобар анимиран филм, а најдобар странски филм доаѓа од Аргентина, „1985“.