НЕМА ДА СЕ РАСКИНЕ КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР ВО КУЛТУРАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА

    НЕМА ДА СЕ РАСКИНЕ КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР ВО КУЛТУРАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА„За 2023 година, лично како министерка со тимот направивме план да ги избуџетираме платите“, рече Костадиновска-Стојчевска. (Фото: К. Попов)

    Нема да се раскине Колективниот договор во културата, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска синоќа во ТВ-емисија на Телма, на која дебатираше заедно со претседателката и потпретседателот на Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ). Синдикатот на 9 јануари имаше повеќе реакции на Предлог-законот за плати во јавниот сектор кој е предложен од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), како и на тоа дека според член 26 став 5 државата може да ги прогласи за ништовни некомпатибилните Колективни договори и дека Колективниот договор за култура ќе биде укинат.

    „Колективниот договор нема да го раскинеме, затоа што сте го добиле тоа право после 15 години. За 2023 година, лично како министерка со тимот направивме план да ги избуџетираме платите. Навистина, одбивам перцепцијата во јавноста дека се прави одреден притисок за да се укине Колективниот договор ниту пак Синдикатот“, кажа Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека ги охрабрува и понатаму да останат гласни за нивните права и за културата.

    Колективниот договор и Синдикатот ќе бидат испочитувани од Министерството за култура и поддржани и внимателно чуени за нивните барања и предлози, додаде таа.

    Од Владата рекоа дека станува збор за драфт-верзија за која ќе се консултираат сите засегнати страни, институциите, синдикатите и слично.

    „Целта на работната верзија е сите да го видат. Затоа сите кои имаат конкретни забелешки да ги достават, но треба да дадат и соодветни решенија за забелешките“, додаде министерката Костадиновска-Стојчевска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира