БРАЗИЛСКИТЕ ВЛАСТИ НАРЕДИЈА АПСЕЊЕ НА ВИСОКИ ФУНКЦИОНЕРИ ЗАШТО НЕ ГО СПРЕЧИЛЕ УПАДОТ ВО ПАРЛАМЕНТОТ

    БРАЗИЛСКИТЕ ВЛАСТИ НАРЕДИЈА АПСЕЊЕ НА ВИСОКИ ФУНКЦИОНЕРИ ЗАШТО НЕ ГО СПРЕЧИЛЕ УПАДОТ ВО ПАРЛАМЕНТОТОколу 1.500 луѓе се приведени во врска со нередите во неделата (Фото: АП)

    Бразилските правосудни органи наредија апсење на неколкумина високи функционери во врска со упадот на приврзаниците на бившиот претседател Жаир Болсонаро во парламентот, врховниот суд и претседателската палата. Локалните медиуми објавија дека е уапсен бившиот заповедник на воената полиција Фабио Августо, кој беше сменет по насилствата во неделата.

    „Налог за апсење е распишан за бившиот шеф на јавната безбедност во Бразилија, Андерсон Торес и за други кои се одговорни за дела и пропусти кои доведоа до нередите“, кажаа од канцеларијата на јавниот обвинител.

    Нередите уследија една недела откако Луиз Инасио Лула да Силва ја презеде функцијата од Болсонаро, кој пак го напушти Бразил 48 часа пред истекот на мандатот и замина во Флорида. Околу 1.500 луѓе се приведени во врска со нередите.

    Новиот шеф за безбедност во Бразилија, Рикардо Капели, го обвини својот претходник Торес за структурирана саботажа, додавајќи дека не издал наредби и не презел ништо за да се спречи упадот. Торес беше министер за правда во мандатот на Болсонаро.

    „Инаугурацијата на Лула на 1 јануари беше крајно успешна безбедносна операција. Следниот ден, Андерсон Торес стана секретар за безбедност, ја распушти целата команда и отпатува. Што е тоа ако не саботажа?“, изјави Капели.

    Лула ги обвини безбедносните сили за занемарување на должноста зашто не спречиле терористички активности во Бразилија. Јавниот обвинител побара замрзнување на имотот на Болсонаро, кој ги осуди нередите, но не го призна поразот на изборите од 30 октомври.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира