Најбараниот италијански мафијашки бос Матео Месина Денаро е уапсен на Сицилија по 30 години бегство. Денаро, кој важеше за водач на озлогласената сицилијанска мафија Коза ностра, бил фатен во една приватна клиника во Палермо.
„Ова е одлична вест за државата“, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Тој беше осуден на доживотен затвор во отсуство во 2002 за неговата улога во убиствата на антимафијашките обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година. Казната ги опфати и бомбашките напади во Фиренца, Рим и Милано следната година, во кои загинаа десет луѓе, како и киднапирањето, мачењето и убиството на 11-годишниот син на мафијаш кој станал сведок.
Шеесетгодишниот Денаро, познат по прекарот Дијаболик, наводно продолжил да живее луксузен живот и додека бил во бегство благодарение на неколкумина банкари. Во август 2021, италијанската телевизија „РАИ“ објави снимка од едно негово сведочење во март 1993, по кое избега и оттогаш му се губеше трагата.