Невладината организација „Хумани стружани” за неполни два дена ги собра потребните 3.100 евра за болничките трошоци на повредената 58-годишна жена, која пред една недела беше прегазена и оставена на пешачки премин во Струга. Жената која е од Албанија, а живее во Струга, во критична состојба со тешки повреди и крварење на мозокот беше примена во Специјализираната болница „Свети Еразмо“, откако несовесниот возач ја прегази и избега од местото на несреќата. Настанот го пријавил случаен минувач, а полицијата се` уште работи на расчистување на случајот.
Според извештајот на МВР, на 9 јануари околу 23.10 часот во полициската станица Струга било пријавено дека на улица Партизанска во Струга, патничко возило удрило во М. Д. (58) од Република Албанија и го напуштило местото. Во несреќата М. Д. добила тешки телесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар-Струга. Увид извршила екипа од Полициската станица Струга и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Нејзиното семејство кое е во тешка финансиска состојба побарало помош од „Хумани стружани“ оти немале пари да ги платат трошоците за хоспитализација и оперативниот зафат.
„Ова семејство и претходно го помагавме и оттаму не познаваа. Откако се случи несреќата, ни се обрати нејзиниот син да побара помош и за само неполни два дена ги собравме потребните средства. Балгодарни сме на сите кои помогнаа и покажаа дека сме хуман народ“, вели Шкелзен Ајрулаи од „Хумани стружани”.
Од „Хумани стружани“ велат дека во тек е акција за собирање на дополнителни 4.000 евра потребни за прегазената жена која е без здравствено осигурување, а на која треба ѝ да се изврши уште еден оперативен зафат на потколеницата.
Оваа организација за само три години постоење има помогнато на многу студенти, болни лица, но и жени кои се соочуваат со семејно насилство.
„Последната жена која побара помош од нас е жртва на семејно насилство и е мајка на три деца, од кои две се со посебни потреби. Ќе ѝ обезбедиме плата за една година и секако сите потребни трошоци за децата“, велат од „Хумани стружани“
С. ВРЕНЦОВСКА