МЕСТО ЈОРГАН, ДОБИЛА КРПА, НО БЕЗ ФИСКАЛНА ИЛИ ФАКТУРА ЗА НАРАЧАНИОТ ПРОИЗВОД, НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА ГИ ЗАШТИТИ ГРАЃАНИТЕ ОД ОНЛАЈН ИЗМАМИ

    МЕСТО ЈОРГАН, ДОБИЛА КРПА, НО БЕЗ ФИСКАЛНА ИЛИ ФАКТУРА ЗА НАРАЧАНИОТ ПРОИЗВОД, НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА ГИ ЗАШТИТИ ГРАЃАНИТЕ ОД ОНЛАЈН ИЗМАМИПроизводите што ги нарачале купувачите по интернет мора да бидат сообразни, т.е. да одговараат со тие на рекламата по квалитет, број, димензии, боја. (Фото: Кампус продукција)

    Без фискална сметка од стоката што ја добиле по претходна нарачка на интернет, граѓаните не може да се заштитат од измами, манипулации, од несообразни производи што им стигаат на домашна адреса, различни од рекламата што ја виделе на Фејсбук или на други социјални мрежи.

    Додека државата ги толерира онлајн продавачите кои обично немаат ни фирма, ни седиште, ни број, а кои не само што ги мамат граѓаните остварувајќи нелегален и брз профит, туку го оштетуваат и Буџетот, на граѓаните им преостанува да се штитат самите.

    Законот за заштита на правата на потрошувачите кој е нов и со европски прописи и правила е јасен: Фискална сметка, сметкопотврда или фактура овие дистрибутери мора да издаваат за производите што ги продаваат онлајн.

    Граѓаните треба да го знаат членот 32 од Законот, кој изрично бара:

    „Трговецот мора за продадениот производ, односно извршената услуга на потрошувачот да му издаде фискална сметка, односно јасно видлива и читливо напишана сметкопотврда или фактура, ако со друг пропис поинаку не е определено!“.

    Трговецот заедно со доставениот производ, мора и декларација да му даде на онлајн купувачот за: потеклото на стоката, кој ја произвел, од каде е увезена, упатство за користење, како да се одржува, предупредување за опасност при користење, штетност врз животната средина…

    Граѓаните во никој случај не треба да им плаќаат во готово на овие потенцијални измамници, бидејќи во ваков случај никој не може да им помогне и да ги обесштети.

    При истражувањето за масовните измами со онлајн трговијата во Македонија, која зеде залет со короната и со ограничувањата за движење, изолацијата и полицискиот час, наидовме на Ленче Н. од Скопје, која добила само дупчиња од тушот што го нарачала од фирма која имала евтина понуда на интернет.

    „Два пати досега сум порачала онлајн. Првиот пат се беше во ред, а вториот ми беше доставена само пола од порачката. Нарачав туш на кој му недостасуваат половина од деловите, па тој е неупотреблив. Нормално дека не сум задоволна од испораката. Не знаев каде да пријавам, се јавив на телефонскиот број во понудата. На мојата реакција до нив не ми одговорија, едноставно ме блокираа. Повеќе никогаш нема да нарачувам по интернет“, вели соговорничката.

    Таа бара чесност во овој бизнис, “кога ќе порачаш нешто, истото да ти биде доставено во исправна состојба“.

    Евица од Скопје нарачала топол јорган, добила крпа. Машинката за мелење семиња што ја купила онлајн, вели дека е ужасна, неупотреблива. Натаму, 4 пати ги менувала чевлите кои ги нарачала, а трошоците за карго превозот ги плаќала таа.

    Читателката пријавила во Пазарна инспекција, каде ѝ побарале адреса на фирмата од која ги купувала производите, но адреса не постоела.

    „Имав само телефонски број, но на инспекторите не им значеше нешто. Добив само совет:’Ако продавачот што се рекламира онлајн нема адреса и број на седиштето, не нарачувајте!’. Имаа право“, вели оштетената Евица. Таа смета дека фирмите кои се нудат за онлајн услуги треба да имаат наведено адреса, седиште и број дека се регистрирани за дејноста.

    Скопјанецот Мамер Ш. Ни кажа дека нарачал и добил бормашина, која за еден ден се расипала. Имало траги и дека претходно некој ја пробал, па најверојатно ја вратил како неквалитетна, а Мамер ја купил без да го знае тоа.

    „Ја сменив бормашината едвај, со 500 маки. По околу три недели ми донесоа нова. Не знаев во која инспекција да пријавам, остана фирмата неказнета“, вели тој.

    Бојан од Скопје бара да се затворат сите онлајн измамници кои вели дека купуваат од Алиекспрес и истите тие производи ги продаваат по повисоки цени. Нарачал филтер за вода. Му пишал на продавачот дали има стега, му одговорил потврдно, но нарачката стасала без тој дел. Никогаш не е обесштетен, кога се јавил на фирмата, виделе, но не му одговориле. Не пријавил, не знаел каде да ја пријави измамата.

    Костас од Скопје вели дека нарачал извлекувач за цевки, со испораката добил извлекувач за метрички навој. Кога се јавил за корекција, фирмата исчезнала од интернетот. Тој смета дека карго-посредникот треба да издава документ со податоци за испраќачот, со негов регистарски број, со што би се елиминирале измамите со нарачките преку интернет.

    И Нафи С. вели дека трипати досега нарачал онлајн, а во едниот случај му доставиле неисправен апарат. Бил во инспекција да пријави, но без податоци за фирмата и без фискална, или фактура од фирмата, не можеле ништо да направат.

    Даниела вели нарачала на фејсбук нутри булет од 800 вати од оригиналниот производител, ѝ стасала копија од Турција, со далеку послаба јачина. Се јавила за корекција на телефонскиот број на рекламата, никој не ѝ кревал. На прашање, вели дека го купила без фискална сметка.

    Таа не знае каде да се јави за нејзините права како купувач. Препорачува да се укине продавачот, што е неизводливо, зашто правото на рекламирање и продажба на фејсбук, е слободно.

    Марјан Н. вели дека повеќепати нарачувал, но добивал стока екстремно лош квалитет, различен од рекламата. Откако се расправал со арогантните продавачи на фејсбук, барајќи да ги смени производите, бил блокиран. Не пријавил во Пазарна, зашто немал фискални сметки, а ни фактура од продавачот. Така открил дека овие измамници на фејсбук, не плаќаат ни данок на УЈП за тоа што го продаваат.

    Марија од Скопје порачала долен чаршаф со димензија за дупли кревет, на домашна адреса добила чаршаф со димензија за единечен кревет.

    „Уредно платено, а ниту пари ми вратија ниту замена направија. Барам строга контрола на онлајн продавачите и нивно санкционирање. Секој доставувач знае од каде подига производи. За нас купувачите се енигма, но доставувачите ги знаат нивните седишта кога ја преземаат стоката и оттаму сметам дека на онлајн измамниците државата сепак може да им влезе во трага“, вели Марија.

    Производите што ги нарачале купувачите по интернет мора да бидат сообразни, т.е. да одговараат со тие на рекламата по квалитет, број, димензии, боја.

    Во членот 97 многу прецизно Законот за заштита на правата на потрошувачите вели:

    (1) Трговецот е должен на потрошувачот да му предаде потрошувачка стока што ги исполнува субјективните и објективните барањата за сообразност со договорот определени во членовите 99 и 100 од овој закон, доколку е применливо, така што нема да биде во спротивност со барањата за правата на трети лица на потрошувачките стоки определени во член 101 од овој закон.

    (2) Трговецот му одговара на потрошувачот за секоја несообразност на стоката што постоела во моментот на нејзиното предавање на потрошувачот, без оглед дали трговецот за тоа знаел односно има законска одговорност за сообразност на стоката.

    (3) Трговецот му одговара на потрошувачот и за секоја несообразност на потрошувачката стока со договорот за продажба што ќе се појави по нејзиното предавање на потрошувачот, ако истата е последица од причина што постоела пред предавањето.

    (4) Одредбите на овој член се применуваат и на стоки со дигитални елементи.

    Граѓаните имаат многу голема заштита и права дадени со овој Закон со прописи видени и копирани од Европа, кон која стремиме.

    Па така, треба да знаат дека имаат право на поправка или замена на неадекватниот, скршениот или заменетиот производ, во рок од 15 дена!

    Во случај на несообразност на потрошувачките стоки со договорот, потрошувачот има право:
    1) да бара бесплатно отстранување на несообразноста по пат на поправка или на замена на стоките
    2) да бара сразмерно намалување на цената или
    3) да го раскине договорот.

    Трговецот не смее да им наплатува на незадоволните купувачи достава на коригираната стока. Потрошувачот всушност има право да не плати дел од цената се додека трговецот не ги исполни своите обврски во случај на несообразност на потрошувачката стока, вклучително и обврската за надомест на штета.

    Членот 103 вели дека „потрошувачот е овластен да бара трговецот или лицето овластено од него бесплатно да ја поправи потрошувачката стока или да бара од трговецот бесплатна замена на потрошувачката стока, освен ако поправката или замената е невозможна или несоодветна“.

    Овој Закон секако ги штити и онлајн трговците кои биле измамени од тој што ја произвел стоката, без оглед дали е од Македонија или од странство, со тоа што во него е пропишана и т.н. каскадна одговорност.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира