Во земјава секоја година умираат околу 40 жени од рак на грлото на матката, а Владата го намали буџетот за Програмата за рана детекција на малигни заболувања за 2023 за 2 милиони денари во однос на 2022 година, реагира Зружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Оттаму велат дека иако јануари е посветен за борба против ракот на грлото на матката, на крајот на месецов Програмата за рана детекција на малигни заболувања сѐ уште не е објавена во Службен весник, што значи дека сѐ уште не се знаат ниту планираните активности, ниту целната возрасна група на жени кои треба да бидат опфатени со скринингот.
„Над 350 жени годишно се лекуваат на Универзитетската клиника за онкологија и се подложени на агресивни третмани со хемотерапија и зрачење поради тоа што болеста е откриена во напредна фаза. Поразително е сознанието дека сите овие смртни случаи и лекување со агресивни третмани може да се спречат, доколку промените бидат навремено откриени. Но, државата наместо да ги зголемува финансиските средства и да го зголемува опфатот на жените со програмата за скрининг на ракот на грлото на матката, бележиме кратење на буџетските средства за оваа намена“, велат од Здружението.
Од Министерството за здравство ни рекоа дека Програмата е изготвена од Министерството, усогласена со надлежните институции и доставена до Владата во утврдениот временски рок. По донесување на програмите на седница, Владата ги доставува за објава во Службен весник.
„Во однос на средствата, нивната распределба се врши по изгласување на новиот Буџет во Собрание, во согласност со Министерство за финасии и Владата. Министерството за здравство во рамки на обезбедениот буџет се грижи за здравствена заштита на сите категории пациенти“, ни одговорија од Министерството зошто е намален буџетот за оваа програма.
Од Здружението ЕСЕ реагираат и дека поради недоволните буџетски средства и несоодветната организираност во 2021, со скрининг на рак на грло на матката опфатени се само 22% од жените од целната возрасна група, што е многу далеку од опфатот во државите на Европската Унија кој изнесува над 75% од жените.
„Во 2022, Министерството за здравство го укина праќањето на покани до жените за да направат гинеколошки преглед со ПАП тест и ја воведе интернет платформата skrining.mk за жените сами да се пријавуваат за преглед со ПАП тест. Но, се поставува прашањето дали оваа мерка претставува унапредување или уназадување на Програмата за скрининг. Согласно на изјавите од Министерството за здравство, во 2022 на само 12.194 жени им е направен ПАП тест по пат на закажан преглед преку интернет платформата, што претствуавува само 10% од целната возрасна група.
Закажување на прегледи по дигитален пат претставува особена пречка за ранливите категории на жени. Истражувањето кое го спроведе ЕСЕ во 2022 година покажа дека само 24% од жените од руралните средини и 16% од жените Ромки имаат потполна можност самостојно да закажат гинеколошки преглед преку интернет страна. На оваа состојба влијае можноста за пристап до интернет, пристап до дигитален уред, како и нивото на дигитална писменост“, вели Борјан Павловски од Здружение ЕСЕ.
Од Министерството велат дека спроведуваат континуирана кампања за промоција и подигнување на свесноста за рано откривање на ракот на грлото на матката. Според нив, успешно се спроведува скринингот за рано откривање рак на грло на матката, со бесплатен преглед и ПАП тест кај матичниот гинеколог за жените на возраст од 21 до 59 години, кои во последните три години немаат направено ваков преглед
„За тековната 2023 се продолжува со организираниот скрининг за жени на возраст од 21-59 години кои во последните три години немаат направено ПАП тест. Прегледот во рамки на скринингот за оваа возрасна група е бесплатен за жената. Пријавувањето се врши преку веб платформата skrining.mk, но и самите матични гинеколози можат да помогнат за пријавување, односно матичните гинеколози можат да вршат пријавување на пациентки на оваа возраст и согласно план и распоред да ги повикуваат. Од април 2022 година до крајот на 2022 година веб платформата ја искористиле вкупно 17.204 пациентки, од кои за 12.194 пациентки земен пап тест“, велат од Министерството за здравство.
Б. НЕСТОРОСКА