ПОЧИНА МОДНИОТ ДИЗАЈНЕР ПАКО РАБАН

    ПОЧИНА МОДНИОТ ДИЗАЈНЕР ПАКО РАБАНРабан важи за радикален, провокативен дизајнер, чиј заштитен знак станаа парфеми (Фото: АП)

    Славниот дизајнер Пако Рабан почина на 88 години во својот дом во Франција, потврди компанијата „Пуиг“, која стои зад неговите брендови.

    Рабан обележа генерации со својата радикална визија за модата и неговото наследство ќе продолжи да живее“, кажаа од „Пуиг“.

    Роден во војничко семејство во шпанскиот регион Баскија, неговиот татко бил погубен од силите на Франко во 1936 за време на Шпанската граѓанска војна. Откако тие го освоиле Мадрид во 1939, Рабан и мајка му се преселиле во Париз. Рабан таму студирал архитектура, а за да заработи пари, почнал да црта модни скици.

    Својата модна кариера ја почнал дизајнирајќи накит за „Живанши“, „Диор“ и „Баленсијага“, а потоа во 1966 го основал сопствениот бренд „Пако Рабан“, преку кој се стекна со светска слава.

    Неговите дизајни предизвикуваа и пофалби и контроверзи, а дебитантската колекција ги разлути француските медиуми зашто моделите беа обложени со остри метали и други невообичаени материјали.

    Во 1968 потпиша договор со семејството Пуиг, што го означи неговиот влез во индустријата на парфеми, кои му станаа заштитен знак. Неговиот прв парфем „Каландра“ и денес се продава, додека „Леди Милион“ и натаму има важна улога на пазарот.

    Од модниот свет се повлече во 1999 и оттогаш ретко се појавуваше во јавност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира