НЕ СМЕ ДОЈДЕНИ ДА ПРАВИМЕ ПРОВОКАЦИИ, РЕЧЕ БУГАРСКИОТ МИНИСТЕР ДЕМЕРЏИЕВ НА ГРОБОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

    НЕ СМЕ ДОЈДЕНИ ДА ПРАВИМЕ ПРОВОКАЦИИ, РЕЧЕ БУГАРСКИОТ МИНИСТЕР ДЕМЕРЏИЕВ НА ГРОБОТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВБугарскиот технички министер за внатрешни работи Иван Демерџиев полоѓи цвеќе во „Свети Спас“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Бугарскиот технички министер за внатрешни работи Иван Демерџиев денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје по повод 151-годишнината од раѓањето, но не ги дочека бугарските граѓани кои организирано патуваат кон Скопје. Настанот е од висок ризик, поради тензиите со Бугарија, а тројца бугарски државјани беа приведени на Деве Баир поради обид за напад на полицајци.

    Системот на граничните премини во земјава претпладнето беше неколку часа во прекин, поради што и на Деве Баир не можеа да поминат бугарските граѓани кои сакаат да дојдат да оддадат почит на грбот на Гоце Делчев. Системот се подигна по 12 часот и оттогаш сообраќајот е нормализиран.

    „Денеска, овие мерки за сигурност се неопходни, а сигурноста значи, сите што сакаат да искажат почит за Гоце Делчев, тоа слободно да дојдат да го сторат. Очекувам секој бугарски граѓанин да стаса овде, да положи цвеќе и притоа да биде безбеден. Ние го почитуваме македонскиот народ и држава. Не сме дојдени да правиме провокации. Нема причина за провокации. Ние треба да одиме напред, а тоа е обединета Европа, тоа налага стабилност. Ние нема со кој да се разделиме. Соседи сме и треба да имаме добри односи и нашите народи треба да се зближени. Јасно е дека Северна Македонија е самостојна држава и немам намера да одговарам на провокации дека Македонија била бугарска. Ние не дојдовме овде да правиме провокации, туку да покажеме почит. Ние сме соседи и добрососедството треба да продолжи“, рече Демерџиев и кажа дека веднаш ќе донираат три генератори на струја на македонската гранични пунктови за да нема проблеми со пад на системот, поради кој се чекаше со часови.

    Демерџиев, кој дојде делегација во која беа и неговиот заменик и министерот за здравство, изјави дека ги замолил европатеникот Андреј Џамбаски и пратеникот Костадин Костадинов да останат во Бугарија и да не предизвикуваат провокации. Обајцата имаа националистички испад минатиот месец во Скопје на одбележувањето на 95 години од смртта на Мара Бунева. Денешниот настан за чествување на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев беше окарактеризиран како настан од висок безбедносен ризик.

    Полицијата на Деве Баир ги нареди во колона бугарските возила кои до Скопје мора да се движат строго со полициска придружба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира