Американската армија вчера го собори кинескиот шпионски балон кај брегот на Каролина, откако поминал над чувствителни воени локации низ Северна Америка. Кина инсистираше на тоа дека прелетот е несреќа во која учествува цивилен авион и се закани со последици.
Претседателот Џо Бајден ја издаде наредбата, но сакал балонот да биде соборен уште порано, во средата. Тој беше советуван дека најдобро време за операцијата ќе биде кога балонот ќе биде над вода, изјавија американските власти.
Кина одговори дека го задржува правото да „преземе дополнителни активности“ и ги критикуваше САД за „очигледна претерана реакција и сериозно кршење на меѓународната практика“.
Во денешната изјава, кинеското Министерство за надворешни работи рече дека „Кина одлучно ќе ги поддржува легитимните права и интереси на релевантната компанија, а во исто време го задржува правото да преземе дополнителни активности како одговор“. Кинеското Министерство за одбрана ја повтори изјавата во текот на денот, велејќи дека „го задржува правото да ги преземе неопходните мерки за справување со слични ситуации“.
Присуството на балонот на небото над САД, за кој Кина вели дека е залутано метеоролошко летало, оваа недела им зададе тежок удар на веќе затегнатите американско-кинески односи кои со години се во надолна линија. Поради балонот, државниот секретар Антони Блинкен нагло ја откажа важната посета на Пекинг чија цел беше да се смират тензиите.