Легендарната српска актерка Бранка Веселиновиќ почина на 104 години. Таа важеше за најстарата актерка на светот, статусот што го презеде по смртта на американската актерка Марша Хант во септември 2022.
Родена во 1918, Веселиновиќ почнала да глуми на 19-годишна возраст и потоа настапила во првата претстава на Југословенското драмско позориште (ЈДП) во Белград, одиграна на 3 април 1948. Во следните децении играла на сцените на сите белградски театри, остварувајќи повеќе од 100 улоги, од кои 40-ина во матичната куќа ЈДП.
Веселиновиќ се појавила и во повеќе од 50 филмови и телевизиски серии. Добитничка е на бројни награди за својата актерска и хуманитарна работа.