Во Турција се зголемува револтот поради размислувањата дека лошото спроведување на градежните регулативи придонело за уривањето на многу згради во последниот катастрофален земјотрес, во кој загинаа речиси 20.000 луѓе во Турција и Сирија. Би-Би-Си потврди дека некои од урнатите станбени згради биле изградени неодамна.
Една зграда во Малатија била довршена лани и скриншот од реклама што се појави на социјалните мрежи вели дека таа била изградена во согласност со најновите сеизмички регулативи и дека биле користени првокласни материјали и мајсторство.
И една неодамна изградена станбена зграда во Искиндерун сега лежи цела во руини. Градежната компанија која стои зад неа објави дека била довршена во 2019.
Би-Би-Си потврди и дека една целосно уништена станбена зграда во Антакија била отворена во 2019.
„Од стотици згради што мојата компанија ги изгради во Хатај, за жал две се урнаа. Земјотресот беше толку моќен што во градот речиси да нема недопрена зграда“, вели Сервет Атлас, сопственикот на „Сер-Ал констракшн“.
И покрај силината на земјотресот, експертите велат дека соодветно изградени згради би требало да можат да го издржат.
„Максималниот интензитет на овој земјотрес беше насилен, но недоволен за да ги урне добро изградените згради. На повеќето места, нивото на тресењето беше под максимумот, па можеме да заклучиме дека од илјадниците згради што се урнаа, речиси ниедна не одговарала на разумно очекуван сеизмички градежен код“, вели Дејвид Александер, професорот по планирање и управување на итни случаи на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Турција ги поостри градежните стандарди по земјотресите во изминатите 20-ина години и тие бараат во регионите подложни на земјотреси да се користи висококвалитетен бетон засилен со челични шипки. Сепак, овие правила главно слабо се спроведуваат.
Од 1960-ите наваму, турската влада во неколку наврати дозволуваше легализирање дивоградби со одреден надомест. Критичарите долго време предупредуваа дека таквите амнестии носат ризик од катастрофа во случај на голем земјотрес. Околу 75.000 објекти во погодената област во југоисточна Турција претходно биле легализирани.
Строги градежни правила важат и во Јапонија. Барањата за безбедност во градежништвото варираат во зависност од намената на зградата и нејзината близина до областите изложени на најголем ризик од земјотреси.