ПОЧНУВА КАМПАЊАТА „САКАШ ДА СЕ МАЗИМЕ? АМА ДА СЕ ПАЗИМЕ“ , ДОКТОРИ ЌЕ ДРЖАТ ПРЕДАВАЊА ЗА СЕКСУАЛНО ЗДРАВЈЕ ВО СТУДЕНТСКИТЕ ДОМОВИ

    ПОЧНУВА КАМПАЊАТА „САКАШ ДА СЕ МАЗИМЕ? АМА ДА СЕ ПАЗИМЕ“ , ДОКТОРИ ЌЕ ДРЖАТ ПРЕДАВАЊА ЗА СЕКСУАЛНО ЗДРАВЈЕ ВО СТУДЕНТСКИТЕ ДОМОВИВесна Матевска, програмска раководителка на ХЕРА, проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО и Виктор Велевски, директор на Државниот студентски центар ја најавија кампањата денеска во Студентскиот дом „Гоце Делчев“. (Фото: МАГО)

    „Сакаш да се мазиме? Ама да се пазиме!“ е насловена кампањата за Светската недела на сексуалното и репродуктивното здравје која од утре ќе трае до недела, а ја организираат Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО,  Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА со поддршка од Македонското лекарско друштво.

    Главната активност на кампањата е здравствена едукација со делење на едукативни материјали и презервативи за сите сексуално активни лица, кое ќе се случува во државните студентски домови во Скопје, како и во Сити мол каде тим од млади доктори ќе ги советуваат студентите и посетителите на сите прашања за нивното сексуално и репродуктивно здравје.

    Во студентските домови, студентите водени од уметникот Доротеј Нешовски, ќе имаат можност преку креативна работилница да развијат креативни приказни, стрипови, цртежи и пораки преку кои ќе ги пренесат своите размислувања за тоа што за нив подразбира грижа за нивното сексуално и репродуктивно здравје.

    Посетите ќе се одвиваат на следните локации: Сити мол, денес од 12-17 ЧАСОТ, ДСД „Гоце Делчев”, на 13- февруари, од 11 до 15 часот; ДСД „Пелагонија“, на 14 февруари, од 11 до 15 часот; ДСД „Стив Наумов”, на 15 февруари, од 11 до 15 часот.

    „Во земјава, 36% од момчињата на 15 годишна возраст, и 3% од девојчињата на 15 години веќе имале сексуално искуство. Во однос на употребата на кондоми, само 20% од девојчињата од албанско етничко потекло кажале дека користеле кондом, за разлика од момчињата албанци – 62%. Меѓу македонските момчиња, 64% користеле кондом, а 52% од девојчињата. Од младите парови до 29-годишна возраст, само 12,8% користат модерна контрацептивна метода. Стапката на тинејџерска бременост, како и абортуси во оваа возрасна група се неколкупати повисоки од оние на земјите во Европа. Со редовната употреба на кондомот секој адолесцент ќе направи здрав и безбеден избор за себе и за својот партнер/ка“, велат од МАГО.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира