Откако на 25 ноември лани Апелациониот суд Скопје ја укина пресудата за случајот „Трезор”, каде ексшефот на УБК Сашо Мијалков беше осуден на 8 години затвор, денеска судењето во прв степен почна одново, со нова судијка. Тоа е Имране Селмани, на местото на Џенета Бегтовиќ, која првиот пат го водеше судењето во Основниот кривичен суд Скопје.
Во „Трезор”, случај за незаконска набавка на опрема за следење од Велика Британија, со која државниот буџет е оштетен за околу милион евра, покрај Мијалков, обвинети се и Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски.
Тие се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинителниот акт го застапуваат обвинителите за организиран криминал Артан Ајро и Трајче Пеливанов.
Според обвинението, МВР склучило договор за да купи опрема со дотогаш анонимната фирма „Финзи” како посредник, место директно со производителот „Гама”, и со тоа го оштетила државниот буџет.
На петтемина апелациони судии не им било јасно како Бегтовиќ сфатила дека без посредник набавката би била поевтина.
Имаа забелешка и зошто немало вештачење во овој предмет. Судијката Селмани за ова напатствие од Апелација, денеска рече дека ќе биде одлучено во текот на постапката.
Изведувањето на доказната постапка почнува на 17 март во 10 часот.
С. К. ДЕЛЕВСКА