ГАЗДАТА НА ГЕРМАНСКИТЕ ВЕСНИЦИ „БИЛД“ И „ВЕЛТ“ НАЈАВИ ОТКАЗИ ЗАШТО ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЌЕ ГИ ЗАМЕНИ НОВИНАРИТЕ

    ГАЗДАТА НА ГЕРМАНСКИТЕ ВЕСНИЦИ „БИЛД“ И „ВЕЛТ“ НАЈАВИ ОТКАЗИ ЗАШТО ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЌЕ ГИ ЗАМЕНИ НОВИНАРИТЕАлатки како ChatGPT ветуваат револуција во информирањето

    Новинарите се во опасност да бидат заменети со системи за вештачка интелигенција, изјави извршниот директор на германската медиумска група „Аксел Шпрингер“, Матијас Дефнер. Тој се огласи додека овој издавач се обидува да ги зголеми приходите на весниците „Билд“ и „Велт“ и да премине во целосно дигитална медиумска компанија.

    Дефнер вели дека кратењето на работните места е неизбежно, зашто автоматизацијата и вештачката интелигенција ќе направат многу од нив да станат вишок.

    „Вештачката интелигенција има потенцијал да го направи независното новинарство подобро од кога било или едноставно да го замени. Алатки како ChatGPT ветуваат револуција во информирањето и наскоро ќе бидат подобри во собирањето информации од човечките новинари. Оваа промена е суштинска за иднината на нашата издавачка куќа. Ќе преживеат само оние кои ќе ги креираат најдобрите содржини“, напиша Дефнер во интерно писмо до вработените.

    „Аксел Шпрингер“ не прецизираше колку луѓе би добиле отказ, но вети дека нема да се крати бројот на репортери, автори или специјализирани уредници.

    „Аксел Шпрингер“ не е првиот издавач кој се врти кон вештачката интелигенција. Во јануари, сајтот „Базфид“ објави дека ќе почне да ја користи за да ги зголеми своите содржини, а вакви најави доаѓаат и од британските весници „Дејли мирор“ и „Дејли експрес“.

    Откако беше лансиран во ноември минатата година, ChatGPT собра над 100 милиони корисници. Програмата може да генерира високо софистицирани текстови од едноставни инструкции, создавајќи сè, од есеи и апликации за работа до песни и белетристика.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира