Сто и десет години од раѓањето на Лена Стефанова, 100 години од раѓањето на Миле Корубин, на Ристо Лозаноски, ретроспектива на Владимир Темков, проект на филмскиот режисер Митко Панов, се дел од изложбите кои се на годинашната програма на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ), која годинава слави 75 години од основањето.
Со изложби почнуваат на 7 март, „Мајчинство“ во Чифте амама, тематска изложба за Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Прикажува селектиран избор на македонски и странски автори, кои претежно припаѓаат на првите генерации уметници, а ја обработуваат темата мајка и мајка со дете. Селекцијата опфаќа дела кои се дел од богатата збирка на Националната галерија. Изложбата брои околу 40 дела – цртежи, слики, икони, скулптури, таписерии, фотографии на плотер принт. Застапени се македонските автори од првите генерации: Димитар Андонов Папрадишки, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски и автори од Југословенската колекција како: Павле Симиќ, Лука Тошановиќ. Куратор е Елена Иванова.
На 30 март во Чифте амам ќе се претстави проектот „Landscape Experiences“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, претставници на минатогодишното 59. Венециско биенале.
Ретроспективно-монографската изложба за Миле Корубин, е закажана за 28 септември во Чифте амам.
„Своевидниот пресек на творештвото на овој исклучителен автор, кој остави значаен белег на македонската ликовна сцена ќе опфати дела од сите фази, како и видео документација. Миле Корубин се смета за еден од најзначајните автори во развојот на македонската современа ликовна уметност, предвесник на постмодернизмот кој преку својот карактеристичен ликовен ракопис, плод на постојано истражување и експериментирање во потрага по ослободување на ликовниот израз, придонел за афирмација и развој на новите ликовни тенденции на македонската ликовна сцена“, вел НГСМ. Куратори се Маја Неделкоскс-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска.
Изложбата на Митко Панов е осмислена да прикаже два елемента од неговото творештво – сликарството и филмот, во случајот – краткиот филм или видео артот и еден од тие кратки филмови е „Со дигнати раце“, краток филм кој ја освои Златната палма во Кан.
Крајот на годината, 20 декември, е посветен на уметницата Лена Стефанова, која му припаѓа на времето на почетоците на модернизмот и неговите постимпресионистички тенденции. Нејзини главни теми се пејзажот, мртвата природа, цвеќето, човечката природа, особено портретот и автопортретот. Освен акварелот, овие теми се обработени и претставени во цртеж и маслена техника. Таа била првата македонска современа сликарка. За време на својот живот немала самостојна изложба. Нејзините две самостојни изложби се постхумно направени – 1993 година во Галеријата Стоби и во 2013 година во КИЦ. Куратори се Татјана Бундалевска и Елена Иванова.
Во Националната галерија ќе има и креативни работилници со завршна изложба за Меѓународниот ден на лица со посебни потреби.
„ Преку моделот на социјална инклузија лицата со попреченост ќе работат и творат со нивните соученици од редовната настава. Проектот подразбира работилници низ креативен процес во соработка и со студентите од Индустирски дизајн како и Факултетот за ликовни уметности, и завршна изложба по повод Меѓународен ден на лицата со посебни потреби. Проектот ќе се реализира во соработка со Факултетот за ликовни уметности, катедрата за графика, со Машинскиот факултет, отсек Индустриски дизајн, ученици од Училиштето за деца со оштетен слух и говор ДУЦОР ‘Партение Зографски’ и средните училшта од Скопје“, вели кустосот и едукатор Маја Димитрова.
Изложби ќе имаат и повеќе уметници како Симон Шемов, Анета Светиева, Васко Гаговиќ, Димитрие Дурацовски, Стефан Шашков во соработка со Доријан Јованови, Гоце Наневски, Колектив ЗЕРО, Ристо Калчевски, Томе Аџиевски, Ешреф Ќалили од Косово, Ервин Ќатовиќ.
Б. НЕСТОРОСКА