Законодавната комисија на француското Национално собрание едногласно усвои предлог-закон за заштита на правата на децата на нивниот сопствен лик, кој има за цел да ги спречи родителите да објавуваат премногу фотографии од нивните деца на социјалните мрежи.
„Пораката до родителите е дека нивната работа е да ја заштитат приватноста на нивните деца. Во просек, 1.300 фотографии од децата циркулираат на социјалните мрежи пред тие да наполнат 13 години, пред воопшто да им е дозволено да имаат свој профил“, изјави пратеникот Бруно Студер.
Заштитата на децата на интернет е еден од политичките приоритети на претседателот Макрон и неговата сопруга Брижит. Во тоа имаат голема помош од Студер, кој во изминатите години се избори за донесување два важни закона на ова поле.
„Споделувањето фотографии претставува еден од главните ризици за приватноста на децата. Половина од фотографиите споделени од сексуални злоставувачи на деца првично биле објавени од родителите на социјалните мрежи“, објави Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца.
Со новиот закон, заштитата на приватноста на детето треба да стане едно од законските должности на родителите, кои заеднички би ја делеле одговорноста за правата на ликот на детето.