Со 24 милиони денари (околу 400.000 евра) обезбедени од Министерството за локална самоуправа, Швајцарската влада и Општината ќе се реконструира Специјализираната болница за нефрологија во Струга. Болницата ќе добие енергетски ефикасна зграда со поставување на фотоволтаици, ќе се реновираат одредени простории, ќе се поставува нова дограма а проектот содржи и инсталирање на систем за довод на кислород во одделите за хемодијализа и интензивна нега.
„Ова е голем проект за регионот, за Струга како општина, за граѓаните. На ваков начин вложуваме и за развој на здравствениот туризам како една повисока форма на туризам во Охридско-Струшкиот регион. Објектот поради годините е дотрошен и за да го одржиме реномето и квалитетот кој го пружаат лекарите и цел медицински тим обезбедуваме услови тоа да продолжи“ изјави денеска министерот за локална самоуправа Ристо Пенов при посетата на струшката болница.
Директорот на болницата Александар Попоски вели дека ваквиот проект пред сè е значаен за пациентите кои ги користат услугите во болницата, за развојот на здравствениот туризам како и холидеј-дијализата. Болницата, како што вели, нема недостиг на здравствен персонал.
„Имаме 17 специјалисти од сите гранки, младите кадри многу брзо заминуваат на специјализација и оваа болница со подобрени услови ќе го зачува и подобри реномето кое го има“, вели Попоски.
Објектот во Одделот за Холидеј дијализа ќе биде комплетно реновиран, ќе се постави централно греење и климатизација а ќе се набават и апарати за хемодијализа.
„Ќе се поттикне развојот на здравствениот туризам оти ќе се овозможи на лица кои имаат проблем да престојуваат заедно со семејствата и да имаат три пати неделно дијализа“, вели Мирјана Лозаноска директор на Центарот за развој на Југозападен плански регион.
Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко рече дека болницата по 40 години добива средства со кои ќе се подобрат условите за пациентите.
Зградата на Струшка дијализа е изградена во 1984 година, а изминативе 4 децении реконструиран е само покривот.
Вакви активности се предвидени и за Кардиолошката клиника во Охрид, Болницата „Свети Еразмо“ и Институтот за белодробни заболувања во Отешево.
С. ВРЕНЦОВСКА