Избор на дела од македонски и странски уметници од различни генерации, кои ја опфаќаат темата мајка и мајка со дете, ќе се изложи утревечер во 19 часот во Чифте амам (Национална галерија на Северна Македонија). Изложбата е насловена „Мајчинство“ во чест на 8 Март, а селекцијата на кураторката Елена Иванова опфаќа дела кои се дел од колекцијата на Националната галерија.
Од почетокот на 20. век, интензивните социјалистички движења меѓу останатото ја поддржуваа борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Повеќе од половина век борба за родова еднаквост ја произведе Одлуката на Обединетите нации од 1975 година, 8 Март да биде прогласен за Меѓународен ден на жената.
Изложбата, вели Иванова, вклучува широк избор на дела, почнувајќи од иконовидните претстави на Богородица па сѐ до новите медиуми. Темата е застапена преку повеќе ликовни техники и принципи на ликовно изразување како масло на платно, темпера на картон, молив на хартија, туш на хартија, бакрорез, монотипија, фотографија на форекс, таписерија. Скулптурите кои се дел од оваа изложба се изведени во техниките на теракота, гипс и бронза.
„На оваа изложба ќе можат да се видат дела од Димитар Андонов Папрадишки; на авторите од првата основоположничка генерација меѓу кои Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски; периодот на афирамацијата и продорот на новите ликовни тенденции во повоените години како Петар Мазев, Ванчо Ѓорѓиевски, Глигор Чемерски и др. Воедно застапени се и примери од авторите кои припаѓаат на Југословенската збирка меѓу кои: Иван Мештровиќ, Павле Симиќ, Лука Тошановиќ и др. Оваа презентација ќе и овозможи на публиката да види ликовни остварувања од првите самоуки сликари, академски образовани уметници, како и автори од поновите генерации“, вели кураторката.
Б. НЕСТОРОСКА