ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ТРИ МЕСЕЦИ НЕ СПРОВЕДУВА СУДСКА ПРЕСУДА ЗА ОПЕРАЦИЈА ВО СТРАНСТВО НА НЕПОДВИЖНО ЛИЦЕ СО ПАРКИНСОНОВА БОЛЕСТ, ГО УБЕДУВААТ ДЕКА НЕ ИМ ДОСТАВИЛ ДИЈАГНОЗА

ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ТРИ МЕСЕЦИ НЕ СПРОВЕДУВА СУДСКА ПРЕСУДА ЗА ОПЕРАЦИЈА ВО СТРАНСТВО НА НЕПОДВИЖНО ЛИЦЕ СО ПАРКИНСОНОВА БОЛЕСТ, ГО УБЕДУВААТ ДЕКА НЕ ИМ ДОСТАВИЛ ДИЈАГНОЗАОрце ја добил болеста на 38 години како последица на мозочен удар што го доживеал многу млад. Тој чека поддршка од државата за операција со која би му се вградил стимулатор на мозокот за да почне пак да оди и да зборува. (Фото: СДК.МК)

Седнат на под во мала соба во куќа над стрмен пат, потпрен на кревет, тешкоподвижниот Орце Димитров од Кратово, кому на 38-годишна возраст му е дијагностицирана Паркинсонова болест, три месеци чека абер од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) кого го победи на суд.

Играта на Фондот кој го одбил барањето на тешкоболниот Орце за лекување во странство, демек одел по дијагноза, а не на операција, не помина во Управниот суд. Судијката Едита Насковска во ноември го поништила одбивателното решение, донела одлука во корист на Орце. Му наложила на ФЗО во рок од 15 дена да донесе ново решение и да му одобри средства за оперативен зафат, со кој би му се вградил стимулатор во мозокот, за да може повторно да се движи и за да живее.

Таа во пресудата му кажала на Фондот за здравство дека на дланка ја има целата медицинска документација и историја на неговата болест и лекувањето и не може да тврди дека пациентот оди по дијагноза. Дијагнозата ја има од 2004 година, напишана од невролози од овдешните клиники.

Поминати се не 15, туку 100 дена. Фондот сè уште го нема известено Димитров за новото решение, а неговата здравствена состојба од час во час е сè потешка.

Се обративме до ФЗО, прашавме зошто не е постапено по судската пресуда во случајот на Орце Димитров. Оттаму ни одговорија дека одлуката ќе биде потпишана на следниот состанок на управниот одбор. Дотогаш, нема да се даваат информации.

„Управниот суд ја уважил тужбата на осигуреникот Орце Димитров од Кратово и предметот го вратил на повторно одлучување. Комисијата за лекување во странство одлучувала, донела одлука која треба да ја потпише претседателот на Управниот одбор, за да биде официјална. Откако ќе ја потпише на следниот Управен одбор ќе му биде пратена на домашна адреса“, ни рекоа од Фондот за здравство.

Иако оваа неизлечлива болест која го суши мозокот вообичаено настапува по шеесеттата година, Орце ја добил како последица на мозочен удар што го доживеал многу млад. Тој чека поддршка од државата за операција со која би му се вградил стимулатор на мозокот за да почне пак да оди и да зборува.

Судијката Едита Насковска од Управниот суд во ноември го поништила одбивателното решение, донела одлука во корист на Орце. (Фото: СДК.МК)

Болеста толку прогресира кај него од ден во ден, што тој од неодамна се движи со инвалидска количка. Зборува тешко и неразбирливо, состојбата му се влошува. Пие лекарства и за тешка депресија, има инсомнија, очите му се постојано широкоотворени, има и други пропратни болести. Од обидот за разговор со него, сфативме дека тој се надева оти пресудата што ја доби пред Управниот суд, Фондот ќе мора да ја исполни.

„Сакам да живеам. Сакам да можам да одам пак…“, бавно и само по некоја буква од овие зборови успеа да ни каже Орце.

Паркинсоновата болест му била дијагностицирана во 2004 година. Оттогаш до денеска, тој е на постојано лекување на Универзитетската клиника за неврологија, во Болницата „8 Септември“, бил на клиниките во Белград, во Љубљана, додека не го истрошил и последниот заштеден денар.

Малата инвалидска пензија и 4.000-те денари за нега, Орце и неговата сопруга Убавка ги даваат за над 20 различни лекови што мора да ги пие, од кои дел се многу скапи. Патувањето за Скопје веќе е невозможно, не само поради тоа што Убавка не може да го крене неподвижниот сопруг, туку и дека такси-превозот од врвот на ридот во Кратово каде што е нивната куќа, до Клиниката за неврологија во Скопје е 3.600 денари.

Убавка се грижи и за татко ѝ, кој има склероза и мозочен удар. И тој не е подвижен, а не е ни контактибилен.

Од купиштата извештаи од врвни универзитетски професори, специјалисти, директори на Клиниката за неврологија, но и од конзилијарните мислења, се гледа дека сите истото го препорачуваат – лекување во странство.

Како Фондот ги погазил сите препораки, извештаи и мислења од специјалисти, а не ги ни зел истите мислења од врвни невролози од универзитетските клиники во Белград и во Љубљана и како членовите на првостепената лекарска комисија не ја виделе дијагнозата Паркинсонова болест, не е јасно.

Но, нејасно е како може да не одговараат луѓето во Фондот, вклучително и директорите, кои малтретираат пациенти кои се во животозагрозувачка состојба, а кои ги исцрпеле сите можности за лекување во Македонија и им е неопходна парична помош од државата за во странство.

Образложението во одбивателните решенија, како на првостепената лекарска комисија, така и на таа од втор степен по жалба, е дека кога се обратиле до Клиниката за неврологија, оттаму добиле известување дека пациентот има Паркинсонова болест, се препорачува натамошна евалуација. Тоа во Фондот го протолкувале дека било дијагноза, а не операција, замижувајќи пред тие 70 извештаи и конзилијарни мислења што ги поднел во прилог Орце, дека можноста за лекување во нашата земја е исцрпена во неговиот случај, дека операција за длабока мозочна стимулација не се прави овде, туку во странство.

Немоќни, тој и сопругата се јавиле обратиле до Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во Скопје.

„Лицето Орце Димитров од Кратово во јули 2021 до Фондот за здравствено осигурување има поднесено барање за лекување во странство. Лекувањето во странство е уредено во Законот за здравствено осигурување и во Правилникот за начинот на користење на здравствените услуги на осигурените лица во странство. Кон барањето странката ја има доставено и целокупната потребна документација предвидена во член 3 од Правилникот, со цел одобрување за користење на правото на лекување во странство и тоа: предлог за упатување на лекување во странство од соодветна универзитетска клиника во Скопје, како и бројна медицинска документација за текот на лекувањето во здравствени установи во републиката. Директорот на Фондот во август 2021 година носи решение со кое барањето на Орце Димитров за упатување на лекување во странство се одбива како неосновано. Во образложението на решението е наведено дека како причина за ова е тоа што по упатено барање до Клиниката за неврологија за прецизирање на видот на интервенцијата од страна на Клиниката по електронски пат им бил доставен одговор дека тој како пациент се упатува на понатамошна евалуација. ( утврдување на дијагноза и евалуација)“, раскажува Андријана Марковска од Македонско здружение на млади правници за случајот на тешкоболниот Димитров.

Незадоволен од решението, Орце во законски предвидениот рок од 15 дена со помош на ова здружение вложил жалба против решението до второстепениот орган – Управен одбор на Фондот за здравствено осигурување на РСМ.

Болеста кај Орце толку прогресира кај него од ден во ден, што тој од неодамна се движи со инвалидска количка. (Фото: СДК.МК)

Истовремено со жалбата поднел и барање за увид во списите на предметот и за копирање на потребната документација од причини што со решението со кое се одбива неговото барање за лекување во странство, не му биле доставени наодот и мислењето од првостепената и од второстепената лекарска комисија врз основа на кои е одбиен за лекување во странство.

„По поднесеното барање за увид во списите на предметот, воопшто не беше известен дали му се одобрува или не“, раскажува Марковска.

Во жалбата против решението повторно била доставена обемната медицинска документација од која може да се утврди дека лицето има утврдено дијагноза Паркинсонова болест од 2004 година и дека пациентот има потреба од лекување во странство.

„Нејасно е од кои причини првостепениот орган носи негативно решение со образложение дека дијагностичка процедура пред да започне лекувањето не спаѓа во трошоци на товар на Фондот, со оглед дека од медицинската документација како и од лекарската комисија во Фондот и од наодите и мислењата на Клиниката за неврологија веќе е поставена дијагнозата од која боледува Орце. Истиот боледува од Паркинсова болест и потребно е лекување во странство за длабока мозочна стимулација“, вели Андријана.

Првостепениот орган имал обврска детално да ги наведе и образложи причините поради кои Орце не ги исполнува условите за лекување во странство, како и детално да ја образложи причината поради од кои докази произлегува дека е упатен на дијагностицирање на болеста а не за лекување, но тоа не било сторено.

„Имајќи предвид дека првостепениот орган има направено повреда на правилата на постапката, како и погрешно и нецелосно ја утврдил фактичката состојба сосема логично е дека и погрешно го применил материјалното право и со самото тоа донел незаконито решение“, продолжува Марковска.

Малата инвалидска пензија и 4.000-те денари за нега, Орце и неговата сопруга Убавка ги даваат за над 20 различни лекови што мора да ги пие, од кои дел се многу скапи. (Фото: СДК.МК)

Согласно член 30 став 1 од Законот за здравственото осигурување:„Осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување“.

Согласно член 4 став 2 од Правилникот за начинот на користење на здравствените услуги на осигурените лица во странство: „Предлогот за упатување на лекување во странство, ги содржи основните податоци за осигуреното лице, почетокот и текот на болеста, начинот на лекувањето, лабараториските, радиодијагностички и други дијагностички испитувања, врз основа на кои е поставена дијагнозата, мислење дека заболувањето не може со успех да се лекува во Републиката, со предлог осигуреното лице да се упати на болничко лекување во странство“.

А второстепената комисија, место да препишува неточни и произволни мислења од првостепената, треба да ги дополни нејзиниот наод и мислењето и да го прецизира видот на интервенцијата. Така обврзува член 17 став 1 од Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство.

По поднесената жалба Орце добива решение со број УП II рој 02-42 од 16.09.2021 од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на РСМ со кое жалбата е одбиена како неоснована, и првостепеното решение останало во сила.

Против ова решение поднесена е тужба до Управниот суд на РСМ на 22.10.2021 година. Управниот суд на 09.11.2022 година ја донел одлуката во полза на Димитров, која до денес уште не се спроведува.

„Сите институции кои што се надлежни за одлучување на правата од здравствена заштита се одговорни за одолговлекување на овие постапки. Во овој случај роковите не се испочитувани од надлежните органи, а поради тие причини во постапката се поднесе и ургенција. Останува и можноста да се поднесе жалба за молчење на администрација поради неодлучување во предвидените законски рокови, но и со тоа нема да се реши проблемот на странката“, посочуваат од МЗМП.

С. К. ДЕЛЕВСКА


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира