ОПШТИНА БУТЕЛ ЌЕ ГИ ИЗБРИШЕ МАРКИЧКИТЕ ЗА СЕДУМТЕ ЗГРАДИ И БАРА ДА СЕ ПОМЕСТИ НОВИОТ БУЛЕВАР, АРСОВСКА ВЕЛИ ТРАСАТА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕНИ

    ОПШТИНА БУТЕЛ ЌЕ ГИ ИЗБРИШЕ МАРКИЧКИТЕ ЗА СЕДУМТЕ ЗГРАДИ И БАРА ДА СЕ ПОМЕСТИ НОВИОТ БУЛЕВАР, АРСОВСКА ВЕЛИ ТРАСАТА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕНИНовиот булевар ќе се гради од кружниот тек во Бутел до булеварот Христијан Тодоровски-Карпош.(Фото: СДК.МК)

    Општина Бутел ќе го смени Деталниот урбанистички план С16 и ќе ги избрише маркичките за седумте згради долж новиот булевар Боца Иванова. На вчерашната седница на Советот на Општина Бутел едногласно од сите советници беше изгласана иницијативата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за поништување на маркичките за згради на планот С16 и планот ССИ 06.07.

    „За ДУП-от С16 кој е на сила ќе се отпочне постапка за негова измена со цел бришење на 7 маркици за згради. За планот  ССИ 06.07 кој е во постапка ќе биде ревидиран и ќе се избришат сите згради кој што се вцртани во предлог планот. Сите политички партии кои се дел од Советот ја прифатија иницијативата на граѓаните за промена на трасата на булевар Боца Иванова. Општина Бутел треба да дише, а не да се дави во бетон и да се гради на секој слободен простор“, вели градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски.

    Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска по одлуката на Општината испратија соопштение во кое се вели дека го поздравуваат бришењето на маркичките за 26-метарските згради, но одлуката за изградба на булеварот Боце Иванова останува.

    „Ова не ја менува суштината на проблемот во врска со булевар Боца Иванова. Трасата на овој булевар е утврдена со Генералниот урбанистички план кој е повисок акт од ДУП и истиот не може да се промени со иницијатива на Општина Бутел“, велат од Град Скопје.

    Град Скопје според најавите на Арсовска до крајот на март ќе почне со изградба на новиот булевар од кружниот тек во Бутел до булеварот Христијан Тодоровски-Карпош. Градот има склучено и договор за негова изградба со фирмата „Филип инженеринг“ и ќе чини околу 650.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира