Санитарна инспекција е испратена во продавница на популарниот шпански моден бренд „Зара“ во Подгорица откако неколку граѓани се пожалиле дека добиле шуга додека пробувале облека во тамошната гардероба. Веста ја потврди директорката на Управата за инспекциски работи Ана Вујошевиќ.
Како што објави весникот „Побједа“, некои граѓани се сомневаат дека фатиле шуга токму во таа продавница, додавајќи дека по носењето на облека на „Зара“ им се појавил осип на стомакот или грбот.
Ова заразно заболување се пренесува преку подолг директен контакт со кожата на заболениот или преку користењето на иста постелнина и облека со заболениот. Агенцијата „Танјуг“ објави дека неофицијално е потврдено дека има случаи на шуга, но нивниот број не е невообичаен.
Најчестиот симптом е чешањето, кое е најинтензивно ноќе. Промените на кожата можат да се појават на кој било дел од телото, но најчесто се на рацете, половината и препоните.