Почина Невенка Митревска, доајенка на македонското новинарство со исклучително познавање на надворешната политика. Имаше 81 година. Митревска беше прва жена надворешно-политичка аналитичарка, фах кој дотогаш се сметаше за машки.
Работниот век го помина во „Нова Македонија“, беше дописничка од Атина, и дел од тимот извонредни новинари во Надворешната рубрика на весникот (Филип Симоновски, Свето Серафимов, Велко Коцев, Душко Малевски, Милчо Коцев, Гроздан Попов) во 1970-тите и 1980-тите години.
Како многу млада таа беше дел и од редакцијата на „Нова Македонија“ која работеше во теренските услови покрај шатори во деновите по земјотресот во Скопје 1963. Подоцна стана дел од Надворешната рубрика и таму го достигна својот професионален врв, а нејзините надворешнополитички анализи, коментари и репортерски извештаи беа истакнати. Митревска беше на челото на првата македонска новинска агенција Макпрес.
Ќе биде погребана утре (17 март), во 11 часот на гробиштата „Бутел“ во Скопје.