НЕРЕДИ ВО ФРАНЦИЈА ОТКАКО ВЛАДАТА ГИ УСВОИ ПЕНЗИСКИТЕ РЕФОРМИ БЕЗ ГЛАСАЊЕ ВО ПАРЛАМЕНТОТ

    НЕРЕДИ ВО ФРАНЦИЈА ОТКАКО ВЛАДАТА ГИ УСВОИ ПЕНЗИСКИТЕ РЕФОРМИ БЕЗ ГЛАСАЊЕ ВО ПАРЛАМЕНТОТПолицијата употреби солзавец и палки за да ги смири нередите на парискиот плоштад Конкорд, каде што беше запален оган (Фото: АП)

    Полицијата се судри со демонстрантите во Париз откако француската влада ги усвои пензиските реформи без гласање во парламентот. Со новиот закон, старосната граница за одење во пензија беше зголемена од 62 на 64 години.

    Најавите за донесувањето на законот доведоа до двомесечна жестока политичка дебата, протести и штрајкови. На крајот, премиерката Елизабет Борн се повика на член од уставот кој ѝ овозможува на владата да избегне гласање во парламентот. Одлуката беше донесена неколку минути пред да почне гласањето за законот бидејќи немало гаранции дека ќе се обезбеди доволен број гласови.

    Овој потег предизвика гнев меѓу опозициските политичари, па лидерката на крајната десница Марин Ле Пен најави дека ќе поднесе барање да се гласа за доверба на Владата. 

    Илјадници луѓе излегоа на улиците на Париз и други француски градови за да го искажат својот револт. Дел од демонстрантите се судрија со полицијата синоќа, која употреби солзавец и палки за да ги смири нередите на парискиот плоштад Конкорд, каде што беше запален оган. Француските медиуми објавија дека се уапсени најмалку 200 луѓе.

    Синдикатите кажаа дека ќе продолжат да им се спротивставуваат на реформите, па нови штрајкови и демонстрации се најавени за 23 март.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира