Британските производители на керамика забрзано се подготвуваат за свеченото крунисување на кралот Чарлс Трети на 6 мај. Тие ја продолжуваат вековната традиција со производство на десетици илјади чаши, чинии и чајници за да го одбележат крунисувањето.
Чарлс ќе биде првиот британски монарх што ќе биде крунисан седум децении по најдолгото владеење во историјата, на неговата мајка кралицата Елизабета Втора.
Работниците во фабриката за керамика „Ема Бриџвотер“ во град во централна Англија познат по својата керамика, веќе се зафатени со производство на делови од рачно изработена и украсена керамика за таа пригода.
„Многу сме возбудени, испланиравме повеќе од 100.000 парчиња. Побарувачката беше голема“, изјави Стив Бистон, шеф на производство.
На првиот ден од продажбата беа продадени повеќе од 1.500 нови шолји „Крал Чарлс Трети“ од половина литар, што го прави вториот најбрзо продаван производ досега за компанијата која работи повеќе од 30 години.