ЗНАКОВНИОТ ЈАЗИК E БРЕНД НА НАШАТА ПИЦЕРИЈА, ВЕЛАТ БИТОЛЧАНИТЕ СО ОШТЕТЕН СЛУХ ПЕРИЌ И АНГЕЛОВ

    ЗНАКОВНИОТ ЈАЗИК E БРЕНД НА НАШАТА ПИЦЕРИЈА, ВЕЛАТ БИТОЛЧАНИТЕ СО ОШТЕТЕН СЛУХ ПЕРИЌ И АНГЕЛОВРадмила Периќ и Мартин Ангелов во Битола ја отворија пицеријата „Улаф сте“, првиот бизнис кој како бренд го има знаковниот јазик. (Фото: СДК.МК)

    „Лицата со оштетен слух да не велат дека не можат. Ние сме доказ дека со иницијатива, добра волја и работа може да се успее“, велат Радмила Периќ и Мартин Ангелов кои во првото знаковно кафуле во Битола „Улаф сте“ ја отворија и првата знаковна пицерија во Македонија. Двајцата партнери се со оштетен слух, но тоа не ги спречи да основаат свој бизнис кој како бренд ќе го има токму знаковниот јазик.

    „Сите ние сме исти. Сакаме да видат другите дека сме способни. Гледаме во напред во иднината. Сите рамноправни, а не омаловажени или запоставени во општеството. Слепите и глувите да не бидат дискриминирани. Да им стане јасно на сите дека и ние можеме“, вели Мартин.

    На ѕидот од објектот наредени се слики со знаци за сите букви од нашата азбука. (Фото: СДК.МК)

    Пред две години, веднаш над Ленски Мост во делот на пешачката зона од булеварот го отворија знаковното кафе „Улаф сте“, каде посетителите можат да пробаат квалитетно италијанско кафе што е мајсторија на Мартин, првокласен салеп, други напитоци, а сега и пица. За локалот избраа оригинално битолско име „Улаф сте“.

    „Како дете на улица со друштото, во комунација, другарите велеа ‘улав сте’. А јас тешко зборувам и ние што сме со оштетен слух тешко ги изговараме зборовите и наместо в велев ф. На тие што слушаа ова им звучеше симпатично. Така се досетив локалот да се вика ‘Улаф сте’“, вели Мартин.

    Дел од купувачите се обидуваат со знаци да им покажат каква пица сакаат да нарачаат или да им кажат „благодарам“ или „пријатно“ на знаковен јазик. Некои оставаат и пораки. (Фото: СДК.МК)

    Тие готват вистинска италијанска пица од брашно без адитиви, со квалитетни состојки. Мајсторијата ја научија на обука од светски познатиот пица-мајстор Зоран Јовановски, кој во зeмјава ја има отворено „Академија пицајоли Македонија“ (Accademia Pizzaioli Macedonia). Се вклучија во петдневната обука, добија сертификат и сега прават една од највкусните пици во Битола.

    „Ова не е обично брашно, туку специјално, подготвено според италијанска технологија. Во Македонија брашното што го користиме дома има поинаков состав, а ова е квалитетно, не прави тегоби, мачнини, такви работи нема. Сите состојки се избрани за да можат да одговараат на квалитетот на италијанската пица, по нивни стандарди. Тешко беше да најдеме од каде ќе се набавуваат продуктите. Но, патувавме во Скопје и на други места. Сега нарачката ја правиме од тука, онлајн“, кажуваат Мартин и Радмила.

    На ѕидот има и врамени цртежи од гостите. (Фото: СДК.МК)

    Интересно е тоа што кај купувачите побудуваат интерес за знаковниот јазик. На ѕидот од објектот наредени се слики со знаци за сите букви од нашата азбука. Дел од купувачите се обидуваат со знаци да им покажат каква пица сакаат да нарачаат или да им кажат „благодарам“ или „пријатно“ на знаковен јазик. За да го развијат бизнис добија помош од неколкумина хумани луѓе и општествено одговорни компании.

    „Баравме спонзори. Имаше лица кои доброволно дадоа помош и поддршка за нашата работа. На пример, Хелмут Мајрхофер од Австрија, Пако Мак – Скопје, Јаменина Пешева, студентите од Економскиот факултет во Скопје со професорот Стојан Дебарлиев во проектот Центар за социјални претпријатија, пица-мајсторот Зоран Јовановски. Благодарни сме им и на сите што не нè поддржаа. Со здружени сили и кредитот што го подигнавме успеавме да го отвориме првиот италијански пица сервис на знаковен јазик“, додава Радмила.

    Парот е заедно 14 години. Нивната приказна започнала веднаш штом завршиле средно училиште. Заедно го поминуваат сите препреки и велат, подготвени се да му докажат на светот дека и луѓето од светот на тишината можат да бидат гласни по своите успеси.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира