По 8 години затвор во Основниот кривичен суд, во отсуство, добија тројцата поранешни директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус.
Случајот “Маѓар Телеком” во македонските правосудни органи трае уште од 2011 година. Откако СЈО го презеде случајот, обвинението го застапуваше докрај обвинителката Лиле Стефанова. Ако оди по жалба во Апелација, таму ќе го презеде виш јавен обвинител од Скопје.
Станува збор за случај во кој поранешните директори на „Телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, се товарат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата за околу 2 милиони евра, бидејќи Владата во „Телеком“ во тој период поседуваше 47 отсто од акциите.
Согласно неправосилната пресуда, обвинетите се огласени за виновни за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.4 в.в. со ст.3 в.в. со ст. 1 од КЗ. Имаат право на жалба до Апелациониот суд Скопје, иако се недостапни на органите на прогонот.
Воедно со пресудата, обвинетите се задолжени солидарно да ја надоместат штетата од 67.407.760 денари на оштетената Репбулика Северна Македонија, како и судските трошоци за постапката.
С. К. ДЕЛЕВСКА