Швајцарската полиција ја заврши едногодишната истрага за трагичната смрт на четири члена на едно семејство, заклучувајќи дека тие планирале да умрат водени од теории на заговор. Исклучена е можноста дека имало надворешна интервенција, а семејството, кое две години порано се преселило од Франција во Швајцарија, не покажувало знаци дека размислува за самоубиство.
Трагедијата се случи на 24 март 2022 во Монтро, кога осумгодишно девојче, 15-годишно момче, нивните татко и мајка и нејзината сестра близначка паднале од седми кат. Преживеа единствено момчето, кое долго време беше во кома со сериозни повреди и сега не се сеќава на тој ден, кажаа истражителите.
По една година истрага, властите кажаа дека мајката и нејзината сестра биле длабоко навлезени во теории на заговор, а полицијата во станот пронашла многу храна, лекови и хигиенски материјали, внимателно складирани и организирани. Семејството ретко излегувало надвор, а децата се образувале дома.
„Двете жени биле длабоко сомничави кон владата и локалните власти и ги убедиле децата дека светот е непријателско место“, кажаа истражителите.
При претрагата на станот биле пронајдени докази дека колективното самоубиство било грижливо планирано и дури вежбано. Се верува дека тие ја забрзале одлуката за самоубиство откако локалната полиција дошла да ја провери добросостојбата на децата.