Јавното претпријатие Македонски железници Инфраструктура ја ограничи брзината на возовите на делницата Скопје-Велес и обратно, за што вчера биле информирани железничките станици долж пругата.
„Максималната брзина на пругата Скопје-Велес меѓу станиците Рајко Жинзифов и Велес ќе биде 20 километри на час. Истата важи до нејзино отповикување“, соопштија од Македонски железници Инфраструктура.
Оттаму не кажаа што е причината за ваквата одлука. Патниците стравуваат дека ова ограничување на брзината ќе придонесе за сериозно доцнење на патничките возови.
„Ние, редовните патници сме крајно револтирани. До Скопје или до Велес да патуваме два часа, ако не и повеќе. Нека кажат јавно дали оваа одлука е привремена или долгорочна. Вчера возот од Скопје во 14:20 часот стигна во Велес во 14.55, а назад за Скопје тргна во 15 часот и стасавме во 16:20, место во 15:20. Патници раскажуваат дека со вечерниот воз тргнале во 22:40 часот, а стасале во 12:35“, вели револтиран патник.
Нивното искуство е дека во летниот период возовите знаат да возат со намалена брзина на одредени делници поради високите температури и можноста од ширење на шините, но не помнат толку рано, уште во март, да се започне со ограничувања. Утринскиот воз Скопје-Гевгелија, кој по ред на возење од Велес поаѓа во 7:25 часот за Гевгелија, денеска замина по час и половина, во девет часот.
П. ПЕЧКОВ