ПОШИРОКИОТ ОПУС НА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПОЗИТОРИ ВО ФОКУСОТ НА 46. ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА

    ПОШИРОКИОТ ОПУС НА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПОЗИТОРИ ВО ФОКУСОТ НА 46. ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКАОд вчерашната проба на Гудачкиот оркестар „Ајга“ под диригенство на Виктор Митревски. (Фото: Принтскрин од видео)

    Четириест и шестото издание на Фестивалот Денови на македонска музика почнува вечерва (20 часот) во малата сала на Филхармонијата, со делата на композиторите Ана Пандевска, Бојана Петровиќ-Алексова, Дамјан Темков, Михајло Штерјев и Филип Иванов. Фестивалот го организира Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ). На свеченото отварање ќе настапи гудачкиот оркестар „Ајга“ под диригентство на Виктор Митревски, а  влезот е бесплатен.

    „Деновите на македонска музика овојпат се во знакот на извонредното творештво на македонските композитори од поголем обем: балетско, симфониско, дела за гудачки оркестар, но и камерен опус. Од соработката со институциите што се формирани од македонските композитори, Национална опера и балет (НОБ), Филхармонија, ‘Танец’, Факултетите за музичка уметност (ФМУ) ќе произлезат концерти на кои што ќе одзвучат премиерни изведби на помладите композитори, дела на композиторите на кои им се одбележуваат јубилејните години од раѓање, дела што го претставуваат творечкиот опус и јазик на дел од композиторите“, вели Валентина Велковска-Трајановска, претседателка на СОКОМ.

    Така, на пример, продолжува Велковска-Трајановска, на концертот на НОБ публиката ќе има можност да проследи дел од балетското творештво, на концертот на симфонискиот оркестар „Ајга“ ќе бидат изведени дела од македонски композитори, но и солистот Кирил Трусов ќе го изведе Менделсоновиот концерт за виолина и оркестар.

    „Воедно, тоа е и прекрасен пример како може македонското творештво сосема рамноправно да биде дел од концертните програми на врвните солисти со филхармониски оркестри. Потоа на концертот на ‘Танец’ќе се навратиме на црковната традиција на нашето поднебје, со настап на машкиот дел на хорот од ансамблот. Секако ќе се навратиме и на камерниот опус на македонските композитори, ќе настапи Триото – обоа, фагот и пијано (Татијана Петрушевска, Марјан Милошевски и Петар Макариевски)“, најавува претседателката на СОКОМ.

    Концертите во втората сезона освен делата од поголем обем, концерти, симфониско творештво, дела за гудачки оркестар со солисти, ќе опфати и настап на камерно дуо од Германија, солисти од Словенија, работилници, семинари и трибина посветена на состојбите со творештвото на македонските компзоитори.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира