ПОЕТОТ РАДОВАН П. ЦВЕТКОВСКИ СИ ГО АРХИВИРАЛ ТВОРЕШТВОТО НА 91 ГОДИНА, СЕМЕЈСТВОТО ГО ПОДАРИ НА БИТОЛСКИОТ АРХИВ

    ПОЕТОТ РАДОВАН П. ЦВЕТКОВСКИ СИ ГО АРХИВИРАЛ ТВОРЕШТВОТО НА 91 ГОДИНА, СЕМЕЈСТВОТО ГО ПОДАРИ НА БИТОЛСКИОТ АРХИВРаководителот на Архивот Гоце Стојановски, внукот Раде Цветковски и писателот Добре Тодоровски на предавањето на архивскиот материјал. (Фото: СДК.МК)

    Целокупното творештво на реномираниот македонски поет Радован П. Цветковски (1931-2022), по неговата смрт семејството му го подари на Државниот архив – Oдделение Битола. Станува збор за сто папки со негови творби, текстови, критики, осврти, впечатоци од средби познати македонски книжевници, негови интервјуа, како и магнетофонски и видео касети со телевизиски емисии на кои гостувал. Со ова, внукот кој го носи неговото име Раде Цветковски го исполни аманетот на дедо му.

    Поетот, раскажувачот, литературен критичар и писател Цветковски почина лани на 92 години, а последната година од животот, на 91 години, самиот ја среди сопствената архива на творечката оставштина толку педантно што ги фасцинира и службите во битолскиот Архив.

    „Од пензијата издвојуваше средства и купуваше папка по папка, така собра сто папки во кои го архивира целиот материјал што го создаде во текот на животот. На папките има негова слика и содржат редни броеви. Во последните денови од неговиот живот ми остави аманет да го пренесам целиот негов материјал во Архивот“, кажа неговиот внук Раде.

    Цветковски почина лани на 92 години, а последната година од животот, на 91 години, самиот ја среди сопствената архива на творечката оставштина толку педантно што ги фасцинира и службите во битолскиот Архив. (Фото: СДК.МК)

    Поетот творел до последните денови од животот. Неговиот пријател и колега, писателот Добре Тодоровски, кажува дека лекторирал текст два дена пред да почине.

    „Тоа беше чудесна посветеност на литературата. Особено соработувавме кога ги работеше ‘Сказанија демирхисарски’ и Студијата и Речникот за демирхисарскиот говор. Како помлад колега му помагав. Беше многу посветен на литературата, особено на народното творештво. Во Речникот за демирхисарскиот говор работеше макотрпно и успеа да собере околу 37.000 зборови сите со соодветно објаснување“, рече писателот Тодоровски.

    Тој додава дека не запознал писател да се занимава толку посветено со литература и народното творештво, а за тоа да не добие поголемо признание од општеството.

    „Знаеше да каже ‘не си во Скопје, си ништо’. Писателите што не сме од Скопје го чувствуваме тоа повеќе години на својата кожа. Не може да се пробие човек ако не е во Скопје“, додаде Тодоровски.

    Од Државниот архив во Битола сметаат дека Цветковски треба да е пример и за други битолчани кои направиле добри дела за градот, кај нив да го остават својот материјал.

    „Ме фасцинира колку сето тоа е средено, педантно и уредно. Ние се одлучивме да не ги менуваме папките и да ги ставиме такви какви што се во архивски кутии. Сè сам архивирал како водич низ документите. Тоа ќе го ставиме во електронска верзија. Фасцинира неговата архивска и историска свест, сè она што е негово го предаде во институција како Државен архив, па и неговото име ќе биде овековечено, а и неговиот метеријал ќе биде дел од нашата историја. Сè документирал и оставил за Битола“, рече Гоце Стојановски, раководител на Историскиот архив – Одделение Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира