ВО БИТОЛА УТРЕ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ПРОТЕСТ ПОРАДИ СМРТТА НА ПЕТГОДИШНАТА ЈАНА КОЈА ПОЧИНА ВО БОЛНИЦАТА

    ВО БИТОЛА УТРЕ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ПРОТЕСТ ПОРАДИ СМРТТА НА ПЕТГОДИШНАТА ЈАНА КОЈА ПОЧИНА ВО БОЛНИЦАТАПротестот го организираат семејството Христовски, роднини и пријатели.

    Точно една недела по смртта на петгодишната Јана Христовска во Битолската болница, утре во 19 часот на плоштадот Магнолија во Битола ќе се одржи протест под мотото „Правда за Јана“. Го организираат семејството Христовски, роднини и пријатели. Девојчето почина на 22 март откако прими инфузија во Клиничката болница во Битола. Според исказот на родителите, шеќерот потоа ѝ се покачил од 9 на 19 единици и ситуацијата се искомплицирала. Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат по вонредниот увид објавија дека немало пропусти во лекувањето и дека кај девојчето се јавиле проблеми со срцето.

    Додека се чека наодот од обдукцијата за да се утврдат точните причини за смртта, роднините и пријателите го организираат протестот во Битола.

    „Низ времињата наназад сум водел многу заеднички битки со вас, драги браќа и сестри битолчани. Но, оваа ми е најтешка, најемотивна и неописиво жална и болна. Битката за барање правда за Јана, за која однапред знаеме дека институционално ја губиме, не претставува битка на која треба да застанеме и да го кажеме добро познатото тридецениско ‘тоа е’, туку да се обединиме, да кажеме заедно сме посилни, дека нашиот кренат глас е наше право. Тоа е наша појдовна точка, од која треба јасно и гласно да кажеме ‘доста е‘“, пишува во објавата на кумот на Јана, Игор Петковски.

    Во објавата исто така се бараат оставки и реформи во здравството.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира