Мило Ѓукановиќ го призна поразот во вториот круг на претседателските избори во Црна Гора и му честиташе на својот противкандидат Јаков Милатовиќ.
„Го прифаќам ваквиот суд на демократската јавност на Црна Гора. Ѝ посакувам сè најдобро на Црна Гора, сакам новиот претседател да биде достоен на довербата што ја доби“, изјави Ѓукановиќ во својот изборен штаб.
Според последните податоци на Центарот за демократска транзиција, 37-годишниот Милатовиќ освои 58,9%, а Ѓукановиќ 41,1% гласови.
„Црна Гора избра и јас го почитувам тој избор. Му честитам на Јаков Милатовиќ и му посакувам да биде успешен претседател“, кажа Ѓукановиќ.
Било како премиер или како претседател, 61-годишниот Ѓукановиќ беше лидер на Црна Гора уште од почетокот на распаѓањето на Југославија во 1991, прво како сојузник на Слободан Милошевиќ, за потоа да прифати прозападна агенда. На претседателската функција прво беше од 1998 до 2003, па повторно беше избран пред пет години.