Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска потпиша Меморандум за соработка во областа на европската интеграција со српската министерка за евроинтеграции Тања Мишчевиќ.
По потпишувањето, тој кажа дека српската и македонската влада имаат иста задача и мисија, а тоа е приближување на граѓаните до вредностите на ЕУ.
„Да ги приближиме нашите граѓани повеќе до вредностите на ЕУ во наредните години, но и придобивките што ќе ги имаат од тој процесот на пристапување да ги направиме уште повидливи. Со Србија не сме само соседи и географски блиски земји. Со Србија имаме заедничко минато, блиски традиционални врски меѓу двата народа и што е најважно имаме заедничка иднина и ист интерес: Да ги развиваме двете држави по европски терк и да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани“, рече Маричиќ, додавајќи дека напредокот на двете земји е очигледен.