МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ИМ ГИ ОДЗЕДЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ОПШТИНА СВЕТИ НИКОЛЕ И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЛАДЕВ ОТИ ГО КОЧАТ ПРОЕКТОТ ЗА РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА КАЈ МЕЧКУЕВЦИ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ИМ ГИ ОДЗЕДЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ОПШТИНА СВЕТИ НИКОЛЕ И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЛАДЕВ ОТИ ГО КОЧАТ ПРОЕКТОТ ЗА РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА КАЈ МЕЧКУЕВЦИМинистерството ќе донесува одлуки во име на Свети Николе во рамките на постапката за изградба на регионална депонија. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за животна средина (МЖСПП) им ги одзеде ингеренциите на Општината Свети Николе и градоначалникот Дејан Владев за управување со јавното претпријатие кое треба да раководи со идната регионална депонија, која треба да се гради кај селото Мечкуевци и шесте претоварни станици, откако тој и Општината одбија да соработува на тој проект.

    Живка Михајлова, координаторка на проектот од Источниот Плански Регион, во којашто учествуваат 18 општини од Источниот и Североисточниот Плански Регион, за МИА вели дека со одлуката на Министерството продолжува постапката за ставање во функција на претпријатието, избор на директор, вработени и со тоа имплементација на проектот.

    „Ингеренциите на Општина Свети Николе во поглед на одлуки поврзани со регионалната депонија се одземени од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во рамките на оваа постапка Свети Николе таму не донесува одлуки, во нивно име донесува Министерството, а сите други Општини нормално си ги донесуваат одлуките како што налага целиот процес. Таа локација не беше избрана туку-така, туку беше правена цела студија за изводливост, па така таа се прифати“, вели Михајлова.

    Од Министерството очекуваат тендерската постапка за избор на компанија да заврши до крајот на годинава, а од наредната да се започне со градба. Од таму велат дека урбанистичко-планската документација е изработена и е во фаза на проверка во МЖСПП, по што ќе се достави на одобрување во Министерството за финансии и Делегацијата на Европска унија, со што ќе се создадат услови за распишување тендер.

    Македонија доби кредит од 55 милиони евра од Европската банка за обнова и развој со што треба да продолжи воспоставувањето современ систем за управување со отпад во целава земја, процес кој е закочен речиси цела деценија. Кочењето на изведбата на овој проект беше нотиран и во последниот Извештај за Македонија за 2022 година на Европската Комисија, која побара од македонските власти да се посветат на целосно остварување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира