Александар Лукашенко се сретна со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, од кого побара гаранции дека Русија ќе ја брани Белорусија ако биде нападната, објави државната новинска агенција „Белта“. Лукашенко кажа дека претходно за ова разговарал и со Владимир Путин, кој се согласил дека таквите безбедносни гаранции се неопходни и треба да бидат формализирани.
„На средбата со Путин звучеше дека во случај на агресија врз Белорусија, Руската Федерација ќе ја брани Белорусија како своја територија. Ни требаат такви гаранции“, му рекол Лукашенко на Шојгу.
Белорусија досега официјално не влезе во руската војна против Украина, но во раната фаза ѝ дозволи на руската војска да ја користи нејзината територија за лансирање напад на Киев, кој по некое време пропадна. Исто така, од почетокот на минатата година, двете земји одржаа бројни воени вежби во Белорусија, што ги подгреваше шпекулациите дека таа и формално би можела да се придружи на нападот на Украина.
Минатиот месец, Путин објави дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, но САД велат дека засега нема назнаки дека Русија планира да го употреби.