Кај мене нема докажана лекарска грешка, за тоа понатаму ќе испитува стручната комисија, реагира гинекологот д-р Михајло Вангелов против кого Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) најави дека ќе биде поднесена прекршочна мерка за случајот со новороденчето кое почина во неделата во Клиничката болница во Битола. Доктор Вангелов вели дека неговиот пропуст е од административен карактер во евиденцијата на пациентката, но не и од лекарски. Тој ја примил пациентката, а други двајца доктори Х.Ѓ и М. А ја породиле. Од ДЗСИ по инспекцискиот надзор соопштија дека прекршочни мерки ќе има само за едниот гинеколог Вангелов, болницата и довчерашниот директор.
„Сочувство до семејството, но како што гледам никој не мисли на нив и на нивната болка. Ова го изјавувам за да ставам крај на хајката што се крена против мене. Санитарниот инспекторат најде пропусти во непополнувањето на историјата за што содветно ќе одговарам, но не за лекарсна грешка! Тоа што имаше објава за некаква таблета, информација пуштена од некој кој сака да ми наштети, најодговорно тврдам дека не е вистина и за тоа има сведоци. Додека беше жената под мој лекарски надзор сѐ беше уредно и од ехо наод и од трите ЦТГ записи, таа не беше во процес на породување. Што се случуваше за време на раѓањето најдобро знаат дежурните лекари и родилката и затоа си има стручна комисија и за тоа не сакам да коментирам“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК гинекологот Михајло Вангелов.
Тој како дежурен лекар ја прегледал пациентката во саботата на 8 април, а следниот ден во утринските часови ја примил од Одделението за гинекологија, ги направил потребните прегледи, ѝ дал терапија, а бидејќи породувањето не било почнато ја пуштил дома со препорака доколку се јават болки или прскање на воденикот, да се јави на одделението. Таа повторно дошла попладнето кога ја породиле други двајца дежурни доктори околу 15 часот, породувањето било по природен пат со употреба на вакум екстрактор при излез. Родено било живо машко дете со АПГАР 2. По неуспешна 10-минутна реанимација од страна на неонатологот, повикан бил анестезиолог и контактирана Клиниката за детски болести и побаран транспорт со инкубатор. И покрај упорната реанимација во траење од 2,35 часа во 18.25 часот констатирана е смрт на новороденото.
Дежурните лекари во наредната смена изјавиле дека при примопредавањето на дежурството не им било пренесено дека за пациентката В.К претходно е отворена историја на болест и извршен прием на одделението, ниту пак во рапортната тетратка на докторите или медицинските сестри е евидентиран приемот на истата во ноќните часови.
По сето ова, во јавноста се погласно се поставува прашањето зошто кај пацинетката не бил направен царски рез порано за да се спаси новороднечето.
Битолската болница веќе еден месец е во фокусот на јавноста, прво по смртта на 5-годишната Јана Христовска по примена инфузија на Педијатриското одделение во болницата и поради смртта на новороденчето во неделата. По двете трагедии директорот Александар Обедниковски си даде оставка од морални причини, а за нов прв човек на установата поставена е докторката Елизабета Ивановска.
Гинекологот Михајло Вангелов е актуелен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА