МАНАСТИРОТ „СВЕТИ ЈОВАН ВЛАДИМИР“ ВО ПОДГОРЦИ ЗА ПРВПАТ СЕ ФРЕСКОЖИВОПИСУВА ПО ЕДЕН ВЕК ОД ИЗГРАДБАТА

    МАНАСТИРОТ „СВЕТИ ЈОВАН ВЛАДИМИР“ ВО ПОДГОРЦИ ЗА ПРВПАТ СЕ ФРЕСКОЖИВОПИСУВА ПО ЕДЕН ВЕК ОД ИЗГРАДБАТАНа трет ден Велигден токму од оваа црква започнува традиционалната литија наречена Скрсти. (Фото: СДК.МК)

    Манастирот „Свети Јован Владимир“ во Подгорци, единствениот храм во земјава посветен на овој светител, се фрескоживописува после еден век од изградбата. На ѕидовите ќе бидат насликани уникатни фрески, кои досега не постојат никаде во светот, а кои ќе го отсликуваат житието на Свети Јован Владимир.

    Јован Владимир бил кнез, владетел на Дукља, од затвореник станал зет на царот Самоил за ќерката Косара. Култот кон овој светител во Подгоречкиот Регион живее и ден денес, се верува дека токму на каменот во дворот на црквата се вљубиле Владимир и Косара.

    „Сакаме што повеќе да го афирмираме овој светител во Македонија и пошироко. За таа цел во моментов се работи фрескоживописот, Целта е да се изработи фрескоживописот, бидејќи досега не постоеше фрескоживопис кој ќе содржи и некои фрески кои ги нема никаде посветени на Јован Владимир. Потоа планираме да се освети местото. Еднаш е осветен во 1925, но сега сакаме реосветување“, вели д-р Дарко Стрезоски, жител на Подгорци, село во областа Дримкол, Општина Струга.

    „Овој манастир е многу важен и за МПЦ-Охридска архиепископија бидејќи е единствен манастир посветен на Свети Јован Владимир“, вели Димитрија Павлески, свештеник од Подгорци. (Фото: СДК.МК)

    „Јован Владимир е многу е почитуван во овие краишта, неговиот култ е многу силен. Во нашите поголеми цркви тука во околината дури и до Албанија, во Москополе имам забележано во фреските е сликан покрај нашите големи светители Свети Климент, Свети Наум и Свети Јован Владимир како еден од поголемите христијански светители на кои што култот овдешен им е многу силен“, кажува свештеникот Димитрија Павлески.

    Црквата е изградена во 1925 , врз темелите на дамнешен параклис, во дабовата шума на источната падина на Јабланица на 15-тина километри од Струга.

    Во 2021, манастирот е целосно ограден со монументална камена градба, уреден е и надворешниот дел и ајатите со целосна донација на Владимир Пупиноски од Охрид, кој потекнува од селото Подгорци. Исто така, возобновен е и стариот конак.

    „Освен фреските кои се од житието на Исус Христос и Богородица, ќе се стави целокупното житие на Свети Јован Владимир во единствената црква во Македонија. Сметам дека е ова е многу убав потег и ете, Бог така рекол и самиот ктитор да се вика Владо, тоа е Владо Пупиноски“, вели зографот Тони Милцов.

    Внатрешноста на манастирот. (Фото: СДК.МК)

    На трет ден Велигден, токму од оваа црква започнува традиционалната литија наречена Скрсти. Патрон на црквата е денот посветен на светителот, 4 јуни, до кога се очекува да заврши фрескоживописувањето на храмот кое исто така е донација на семејството Пупиноски.

    „Овој манастир е многу важен и за МПЦ-Охридска архиепископија бидејќи е единствен манастир посветен на Светиот Јован Владимир, за кого по неговото житие знаеме дека бил властелин во Зета – Црна Гора, а потоа со неговото женење и во Самоиловото царство“, вели Павлески.

    Манастирот „Свети Јонче“, како што го нарекуваат жителите на Подгорци, бил изграден со донации на локалното население. Тоа е запишано на металот од манстирската камбана.

    За жителите на Подгорци овој манастир има огромно значење, како вредно верско, историско и културно место каде повеќе пати во годината се собираат верниците.

    Токму во овој храм во 1931 прв бил крстен познатиот македонски писател Јован Стрезоски, кој по потекло е од Подгорци.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира