МЛАДИОТ ЏЕК ТЕШЕИРА СО МЕСЕЦИ СПОДЕЛУВАЛ ДОВЕРЛИВИ ДОКУМЕНТИ ВО ОНЛАЈН ГРУПА, НЕГОВИ ПРИЈАТЕЛИ ВЕЛАТ ДЕКА НЕ Е НИ СВИРКАЧ, НИ СТРАНСКИ АГЕНТ

    МЛАДИОТ ЏЕК ТЕШЕИРА СО МЕСЕЦИ СПОДЕЛУВАЛ ДОВЕРЛИВИ ДОКУМЕНТИ ВО ОНЛАЈН ГРУПА, НЕГОВИ ПРИЈАТЕЛИ ВЕЛАТ ДЕКА НЕ Е НИ СВИРКАЧ, НИ СТРАНСКИ АГЕНТТешеира вчера мирно беше уапсен од ФБИ во својот дом (Фото: АП)

    Младиот припадник на Националната воздухопловна гарда Џек Тешеира денеска ќе се појави во суд во Бостон во врска со протекувањето на доверливи воени и разузнавачки документи. Тој вчера мирно беше уапсен од ФБИ во својот дом во Дајтон во руралниот дел на Масачусетс.

    Дваесет и едногодишниот Тешеира е идентификуван како лидер на онлајн група на платформата Дискорд, популарна кај гејмери, каде што документите прво се појавија. Обвинет е за неовластено отстранување и ширење на доверливи информации. Тие содржат разни проценки и податоци за војната во Украина, но и чувствителни разузнавачки информации за други држави, вклучувајќи сојузници на САД.

    Тешеира работел како компјутерски техничар во разузнавачкото крило на Воздухопловната гарда во Масачусетс и истовремено надгледувал затворена онлајн група за разговор составена од машки тинејџери, со кои со месеци споделувал тајни информации. Пентагон станал свесен за протекувањето дури откако скриншотовите од документите почнале да се објавуваат надвор од групата.

    Покрај возраста на Тешеира, и мотивот изгледа необично. Негови пријатели велат дека тој бил скептичен кон владата, но не го опишуваат како свиркач или странски агент. Тој се придружил на Националната гарда во 2019 година и бил на ниска работна позиција.

    Јавниот обвинител на САД, Мерик Гарланд, кажа дека Тешеира бил приведен без инцидент, а протекувањето го опиша како намерно кривично дело. Тој затоа се соочува со обвинувања според Законот за шпионажа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира