Поранешен платеник на „Вагнер“ призна дека убил и мачел десетици украински воени заробеници, што е едно од најдетаљните сведоштва за руските воени злосторства во Украина. Алексеј Савичев (49), кој бил регрутиран од руската паравоена група во септември, изјави во телефонското интервју за „Гардијан“ дека учествувал во егзекуции на украински воени заробеници за време на шестмесечната служба во источна Украина.
„Ни беше кажано да не земаме заробеници, туку да ги убиваме на самото место“, кажа Савичев.
Во една прилика, додека се борел кај Соледар есеноска, тој учествувал во убивањето на 20 украински војници кои се предале.
„Ги испрскавме со куршуми. Војна е и не жалам за ништо“, вели Савичев.
Во друга епизода од јануари, тој и неговите соборци од „Вагнер“ убиле десетици повредени украински заробеници така што фрлале гранати во ровот во кој што биле држени близу Бахмут.
„Исто така, мачевме украински војници, немаше никакви правила“, вели тој.
Сведоштвото на Савичев прво беше објавено во 77-минутно видео, во кое се појави заедно со друг бивш борец на „Вагнер“, кој се претстави како Азамат Улдаров. Во видеото објавено од групата за човекови права „Гулагу“, тој вели дека убивал цивили за време на битката за Бахмут.
„Во една прилика, јас и моите соборци убивме група луѓе кои се криеја во подрумот на деветкатна зграда во Бахмут. Меѓу нив беше и девојче од пет-шест години. Врескаше, но не смеевме да дозволиме никој да излезе оттаму“, изјави Улдаров за „Гулагу“.
„Гардијан“ потврди дека осудениот убиец Савичев бил пуштен од затворот во Воронеж откако бил помилуван со претседателски указ од 12 септември.
„Вагнер“ регрутираше десетици илјади руски затвореници, при што им била ветена целосна слобода ако преживеат шест месеци во Украина, што на Савичев му истекло на 12 март. Тој тврди дека од околу 100 луѓе регрутирани од неговиот затвор, само 21 преживеал.